Ковачевски: Продолжуваме со континуирана поддршка и заштита на македонските граѓани во Албанија

 

Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, во Тирана, Албанија, оствари средба со претставници на Македонското национално малцинство во Албанија и разговараа за Македонците во Мала Преспа, Тирана, Голо Брдо и Гора. На средбата, покрај премиерот Ковачевски, присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, како и Данчо Марковски, амбасадор на Република Северна Македонија во Република Албанија.

Ковачевски на состанокот разговараше со Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Албанија, Кимет Фетаху, активист и претседател на друштвото МИР, Едри Фетаху, потпретседател на МАЕИ, Маријана Фелах, претставник на македонското малцинство во Албанија при Комитетот за национални малцинства во Владата на Република Албанија, Бесник Хасани, претседател на друштво МОСТ од Голо Брдо, како и со претставници на бизнис-секторот од Северна Македонија, кои работат во Албанија.

 

Соговорниците ја поздравија одлуката на Универзитетот во Тирана да се изучува македонскиот јазик за што од Северна Македонија ќе биде испратен лектор на Катедрата за изучување јазици од регионот, а се очекува тоа набргу да се реализира и на Универзитетот во Корча.

 

Изминатиов период беа реализирани проекти од акцискиот план за поддршка на нашите Македонци од Голо Брдо и Пустец, со цел подобрување на условите за живеење на нашите иселеници што живеат во овој дел од Албанија.

 

Во разговорот беше поздравена и заложбата за брзо целосно решавање на деценискиот проблем за пуштање во употреба на граничниот премин Требиште – Џепиште, кој ќе биде од исклучителна важност за македонското население во регионот од Голо Брдо.

 

Ковачевски на средбата истакна дека Владата спроведува повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високообразовните институции во нашата држава, преку кои 39 баратели од Мала Преспа и Голо Брдо добија владини стипендии за студирање на државните факултети за учебната 2023/2024 година.

 

Покрај ова, се разговараше и за финансирање проекти за дијаспората, вклучително и за нашите иселеници што живеат во Албанија.

 

Со соговорниците од бизнис-заедницата се говореше за интензивирањето на трговската размена, која во 2022 година е 307 милиони евра за разлика од 2016 кога била околу 165 милиони евра. Беше разгледана можноста да се формира бизнис-клуб во Тирана, каде што ќе членуваат македонски и албански компании бидејќи постои позитивен тренд на раст на компаниите.

 

На средбата беше истакната важноста за искористување на фондовите за развој и зајакнување на буџетите на здруженијата сè со цел да се реализираат проекти за поддршка на македонското малцинство.

 

Според владината служба, на последниот попис одржан во Албанија во 2011 година попишани се 5.512 Македонци.

 

 

17.10.2023 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега