Ковачевски: Доделени нови 45 социјални стана, се грижиме за квалитетен живот на граѓаните
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, во Гостивар, во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, градоначалникот Арбен Таравари и директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Зоран Ѓоргијев, им додели клучеви од новите домови на 45 семејства од социјално ранливи категории.
„Да имаш топол дом, покрив над глава за своите деца, за семејството значи многу и навистина сум среќен што денеска сите заедно, овде во Гостивар, ја споделуваме среќата на 45 семејства, на кои им врачуваме клучеви од нивните домови“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во Гостивар.
Премиерот истакна дека предизвиците што ги наметна тешката економска криза не ја спречија Владата во реализација на спроведување на социјално-станбената политика.
„Во изминатите 4 години изградени и во фаза на изградба се 864 социјални стана. Оваа Влада обезбедува подобар и поквалитетен живот на ранливите категории граѓани.
Досега, освен овде во Гостивар, распределени се станови во Македонски Брод, Струмица, Пробиштип, Виница, Свети Николе. Становите се доделуваат веднаш кога ќе се изградат, такви огласи за распределба на станови во тек се во Гевгелија, завршена е градбата на социјалните станови во Демир Капија и таму становите треба да се распределат. Во завршна фаза се социјалните станови во Неготино, а за над 500 наши сограѓани се градат социјални станови во Дебар, Бутел, Велес, Кочани и Сарај.
Нашата владина политика е за развој на секој дел од државата, затоа и социјалните станови што ги градиме се наоѓаат во целата држава. Така обезбедуваме рамномерен регионален развој и во извесна мера изедначување на станбениот стандард“, истакна Ковачевски.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, истакна дека Владата и Министерството ги преземаат сите мерки за ублажување на последиците од кризата и за обезбедување подобри услови за живеење на сите граѓани.
„Овој месец распишавме два јавни повика за распределба на социјални станови во Гевгелија и Демир Капија.
Грижата за најранливите категории граѓани е особено изразена сега во време кога ни претстои најголемиот предизвик со оправување од енергетската и економската криза.
И свесни сме за тоа. Но, сакам да уверам дека ги преземаме сите мерки за ублажување на последиците и за обезбедување подобри услови за живеење на сите граѓани“, истакна министерот Бочварски.
Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, истакна дека набргу домување ќе добијат уште 25 семејства од ранливите категории граѓани.
„Мило ми е што еден добар проект се реализира за гостиварци. Денеска, 45 гостиварски семејства ќе бидат удомени во нови станови, а уште 25 се надевам во многу блиска иднина. Овие се убави работи што државата може да ги направи за социјално загрозените семејства“, рече Таравари.
Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, Ѓоргијев рече дека колективната станбена зграда наменета за лица од социјален ризик и други социјално ранливи категории во Гостивар е со вкупна површина повеќе од 3.000 м2 и има П+4 со 2 влеза.
„Располага со 70 станбени едници, со површина од 33 до 44 м2. Сите имаат балкони со површина од 1 до 4 м2, 70 подрумски простории со површина од 4 до 10 м2, 18 паркинг-места и пристап за инвалидизирани лица. Вкупната инвестиција на објектот изнесува 103.000.000 денари. Технички прием е направен во април 2021 година“, рече Ѓоргијев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа