Ковачевски: Целосно го штитиме македонскиот јазик и нашиот посебен идентитет
Министерството за култура веќе започна активности за реконструкција и ревитализација на објектот на старото училиште „Димитар Влахов” во село Љубојно и негова адаптација во Центар за промоција на македонскиот јазик, изјави премиерот Димитар Ковачевски при денешната посета во Преспанскиот регион.
– Ќе се послужам со зборовите на големиот Конески и ќе кажам „Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски, ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“. И ова старо училиште во Љубојно, вековно огниште на употребата на македонскиот јазик, второ училиште во државава, каде по Втората светска војна започнува настава на македонски јазик, ја потврдува констатацијата на нашиот јазичен визионер Блаже Конески, но и вербата на Кочо Рацин, Славко Јаневски, Ацо Шопов и низа други автори – дека активната употреба на македонскиот јазик е неговата најголема промоција. Тоа го знаеле и македонските учители кои образувале низа генерации на македонски, мајчин јазик. Го знаеме и ние денес, рече Ковачевски.
Со грижата за овие објекти, коишто се дел од нашето јазично и културно наследство, како што изјави премиерот, ја испраќаме пораката дека оваа Влада се определи за заштита и афирмација на македонскиот јазик дома и во светот.
– Денес јасно и гласно, во официјални изјави на европските лидери и на претставници на меѓународната заедница се употребува терминот македонски јазик. Македонскиот јазик е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици во Европската Унија, по неговото официјализирање во Обединетите Нации. Прв доказ за тоа е договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик. А и целокупното европско законодавство веќе се подготвува да се преведе и на македонски јазик. Во овој преспански крај, кога го потпишавме договорот со којшто се осигуравме да станеме членка на НАТО, со што ги осигуравме и територијалните граници на нашата татковина, се обврзавме на целосна заштита и на македонскиот јазик и на нашиот посебен македонски идентитет. И денес за сите е јасно дека ние го исполнуваме ветеното, рече премиерот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа