Костадиновска-Стојчевска од „Охридско лето“: Ќе дојдат светски уметници, угостителите да не им наплаќаат како да наплатуваат воена отштета

 

 

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање на отворањето на “Охридско лето” се осврна на значењето на уметноста, претпознатливоста и реномето на фестивалот, а им посака и добредојде на уметниците. Порака упати и до угостителите во Охрид.

“Летната сезона во Охрид не трае долго и затоа квалитетот а не квантитетот му прилега на овој древен скапоцен град. Токму затоа би сакала да пренесам една порака. Поради Охридско лето и годинава на гости ќе ни дојдат многубројни уметници од целиот свет, ги замолувам угостителите да не им наплатуваат како да треба да наплатуваат воена отштета или некои други ненамерни долгови. Ако овие зборови на луцидниот Душко Радоњ допрат до нашите домаќини им благодарам”, рече министерката.

Таа посочи дека во време кога со голема брзина се менува светот, уметноста го чува стравот и испраќа порака дека се ќе биде во ред.

“Уметниците поинаку ги читаат вестите. Без уметноста, ќе има празнина”, порача таа.

За фестивалот рече: “Охридско лето е најдобра разгледница за Охрид. Настаните како вечерашниот е еден од ретките каде министерот са култура е меѓу првите говорници”.

Пред крајот на обраќањето порача: “Нека грмне, нека се отворат портите на Света Софија…”.

Свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето” започна со концерт на светски познатата оперска дива Анџела Георгиу, која настапи со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Македонија, под диригентската палка на извонредниот Чипријан Теодорашку од Романија.

МАКФАКС

12.07.2023 - 23:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега