Костадиновска-Стојчевска: Драмски со РУТА е уште еден мост за поврзување на регионот

 

 

Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, почна второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА во земјата.

„Фирма“, по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, со избрана актерска екипа, е првата претстава на фестивалот што го поврзува театарскиот живот на регионот.

На отворањето на неколкудневниот театарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмскиот театар, која, како што рече, буди посебна емоција и додаде дека преку театарот уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен РУТА.

„Ви благодарам што давајќи дел од себе, нè опоменувате и нè потсетувате на последиците од алчноста, од отуѓеноста, од кусогледоста, од непромисленоста. Нè потсетувате на повторливоста на смртоносните пандемии, на бавното ослободување на жената, на еволутивните слабости на човештвото.

Вашата улога, веројатно, најдобро ја опиша уникатниот режисер Јагош Марковиќ, кој, за жал, веќе не е меѓу нас: „Мораме да сведочиме. Мораме едни на други да кажеме – за да не помислиме дека сè е во ред“ – рече Костадиновска-Стојчевска.

Заблагодарувајќи им се за гостувањето на сите ансамбли на ова издание на фестивалот РУТА, министерката Костадиновска-Стојчевска ги покани театрите од регионот со особено внимание да се вклучат преку РУТА и во 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.

„Регионот му е потребен на Скопје. Скопје му е потребно на регионот“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Фестивалот продолжува со „Декамерон“ на Градско позориште од Подгорица во копродукција со Народно позориште од Ниш, на режисерот Пројковски, и со „Нора“ на Местно гледалишче од Љубљана, Словенија, во режија на Нела Витошевиќ. Потоа следуваат: „Син“ на Камерни театар 55 од Сараево, во режија на Дино Мустафиќ, и „Самрак на боговите“ на Београдско драмско позориште, во режија на неодамна починатиот режисер Јагош Марковиќ.

Со претставата „Отело“, пак, театарот Улисис од Хрватска го затвора фестивалот РУТА в недела (8 октомври). Режијата е на украинската режисерка Оксана Дмитрова, а поделбата на улогите, освен на актерите на Улисис, е направена и со членовите на Сараевски ратни театар од Сараево.

04.10.2023 - 11:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега