Косовската претседателка: На Вучиќ не му е грижа за луѓето
Претседателката на Косово, Вјоса Османи изјави дека српскиот претседател, Александар Вучиќ, со неговите последни закани за интервенција во Косово, не се разликува од неговиот претходник, обвинетиот од меѓународниот суд во Хаг за воени злосторства во поранешна Југославија, Слободан Милошевиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вучиќ на завчерашното одбележување на 20-годишнината од нападите на Албанците врз Србите во Косово, во кои беа убиени 16 Срби, стотици беа повредени и уништени и оштетени голем број куќи и православни верски објекти, ѝ порача на Европската унија дека Србија го чека „најдобриот можен момент“ за да се бори за својата кауза.
– Не е проблем, сакате да бидете со нив (со Приштина), нема да не имате, сакате да бидете со нив и да им помогнете, ќе преживееме, но ние сме доста умни и доста храбри и научивме доста многу и добивме многу искуство по сето она што ни го направивте во последните 25 години, за да го чекаме најдобриот можен момент и да се избориме за нашата кауза, рече Вучиќ по средбата со деца од српското малцинство во Косово.
Косовската претседателка, Османи за приштинскиот портал „Телеграфи“ изјави дека ваквите изјави покажуваат дека актуелниот српски претседател продолжува да се води од менталитетот на Милошевиќ, имајќи за цел да зазема територии, без воопшто да се грижи за човековите права и слободи.
– Тој открива еден многу важен факт, дека тој е продолжение на менталитетот на Милошевиќ, кој бара територии и никогаш не се грижи за човековите правата и слободи, изјави Османи.
Во март 2004 година, пет години по завршувањето на косовско-српскиот конфликт и интервенцијата на НАТО, во реката Ибар во близина на Митровица се удавија три албански деца, за што организацијата на ветераните на Ослободителната војска на Косово ги обвини Србите од северниот дел на поделениот град. Уследија големи протести на Албанците во кои имаше десетици загинати од обете страни и голем број оштетени и уништени куќи и православни верски објекти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа