Кој се обиде да прошверца 1200кг скапи телефони и опрема во Македонија?
Царината се уште не објавува детали за запленетото комбе со мобилни телефони. По вчерашните информации дека полицијата на автопатот кон Скопје застанала комбе во кое наводно имало поголема количина на мобилни телефони, од царината само ја потврдија информацијата, најавија детали, но не ги соопштија.
„На ден 11.03.2024 година во попладневните часови, на патниот правец Петровец – Скопје од страна на СВР Скопје е извршен претрес на патничко моторно возило, кое превезувало разна стока, увозно оцаринета на ЦИ Аеродном Скопје, поради сомневање дека во возилото се превезуваат наркотични средства. Контролата е извршена со асистенција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа и царинско куче.
Притоа не се пронајдени наркотични средства, но констатирани се неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото. Со цел да се изврши детална контрола, возилото е пломбирано и привремено задржано заедно со стоката со вкупна тежина од 1.2 тони. За прегледот е побарана асистенција и од крим полиција, а за случајот е известено и надлежното основно јавно обвинителство.
Откако ќе се изврши детална контрола и ќе се утврди фактичката состојба, ќе бидат покренати соодветни постапки.“ – се вели во соопштението на Царина.
До овој момент, царината не соопштува што точно е запленето во комбето.
Полициски извори вчера брифираа дека станува збор за поголема пратка на мобилни телефони кои се уште не се знае како влегле во Македонија. Шверцот на телефони во земјава не е ништо ново. Јавна тајна е дека во Скопје постојат неколку салони кои продаваат мобилни телефони за кои воопшто не издаваат фискална сметка и со години никој не презема никакви мерки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа