Кои експерти ќе учествуваат во работната група за уставните измени?

 

Поранешната министерка за правда и образование, која воедно е и професорка по уставно право, Рената Дескоска, за „Телма“ изјави дека сè уште има дилеми дали да ја прифати поканата. Вели дека сè уште не дала согласност, но и дека нејзиното учество ќе зависи од задачата и форматот на групата.

„Не сум се сретнала со премиерот ниту, пак, со министерот за правда во врска со уставните измени. Не сум дала согласност за учество во работна група за измена на Уставот. Моето евентуално учество ќе зависи од задачата која ќе биде зададена и форматот на работната група. Во моментов информациите во јавноста за овие прашања се нејасни“, изјави Дескоска за „Телма“.

Од друга страна, позитивен одговор дале професорот Јетон Шасивари, но и поранешната судијка во Судот во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, која кажа дека во рамките на нејзиното богато искуство е подготвена да даде свој придонес во оваа експертска група.

Но има и такви кои го одбија повикот. Еден од нив е академикот Владо Камбовски, кој рече дека добил покана, но ја одбил бидејќи во моментов нема политички консензус, а смета и дека работите се поставени наопаку. Тој кажа дека мора да има силен политички договор и поддршка за промена на Уставот и дека постои процедура која треба да се почитува.

Инаку, претходно денеска понудата за учество во работната група ја одбија најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски кажа дека во оваа фаза тоа е беспредметно и оти власта сака да го политизира процесот.

„Нема да учествуваме во работната група, тоа сме го кажале многу пати во минатото, ги кажавме и причините затоа што работата на оваа работна група сега во оваа фаза е тотално беспредметна. И врвни правни експерти го коментираат тоа, дека овој прв чекор е практично утврдување на потреба за отворање на Уставот и доколку има две третини тогаш веќе се формира Уставна комисија, па се разгледуваат амандмани, се драфтираат, итн. Сега е тотално беспредметно, сакаат да го политизираат процесот. Еве уште еднаш јавно го кажувам ставот, и повеќе нема да се занимавам со таа тема, дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работата на Комисијата која ја формира Министерството за правда, а има цел да работи на амандманите кои се потребни за уставните измени“, рече Мицкоски.

 

09.04.2023 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега