Календар на МПЦ: Утре се слават овие светители

 

Блажениот Теофил се родил од побожни родители во близината на градот Тивериопол, денес Струмица, Македонија. Имал добра и кротка природа. А кога наполнил тринаесет години, станал послушник на преподобниот старец Стефан. Старецот три години го поучувал на стравот Божји и го раководел во подвижништвото и во монашкиот живот. Откако изминаале тие три години, бидејќи момчето добро се научило на монашките подвизи, Старец Стефан го повикал игуменот од лаврата и му го предал послушното, кротко и смирено момче за да го замонаши. Игуменот го одвел во лаврата и го потстрижал во монаштво со името Теофил. Теофил стана опитен монах, украсен со сите добродетели, живеел меѓу браќата како ангел, и им бил од полза на сите. Откако светителот долги години поживеал испоснички, настапил иконоборниот период, во кој беззакониот цар Лав Исавријанин иконоборец ги подложувал на мачење и ги убивал сите што ги почитувале иконите. Свети Теофил благоразумно поучувал молитвено да се почитуваат светите икони. Поради тоа, царот наредил свети Теофил да биде подложен на ѕверски измачувања, но тој, не само што не попуштил, туку успеал еден од своите мачители, кнезот Ипатик, да го разубеди и да го врати во Православието. На крај, кнезот Ипатик се заложил за да биде ослободен светителот. На свети Тоефил му било многу жал што не го довршил подвигот на своето мачеништво. Сепак, имајќи рани, тој се радувал, говорејќи со апостолот: „Се радувам што со своето страдање го дополнувам недостатокот на неволјите Христови во моето тело за телото Негово, кое е Црквата“ (Кол. 1, 24). Набргу потоа му било откриено дека за кратко време ќе замине кај Бог. Ги уредил сите манастирски работи, ги поучил браќата, ги благословил, ги целивал и заминал кај својот возљубен Господ.

Тропар
Исповедниче на вистината, истоимениче на Божјата мудрост, длабочино на познанието, тебе Теофиле, Христос Спасителот Ти го откри Својот Лик, во длабочината на твоето срце, и оттаму ти ги исповедаше Иконите свети. Моли се за нас, оче свети, пред Божјиот Престол, душата наша како Икона чиста, да се претстави пред Неговото Лице.

Светите маченици Евлампиј и Евлампија

Брат и сестра, од Никомидија. Во времето на едно страшно гонење на христијаните од царот Максимијан некои верници од Никомидија се имаа засолнето и сокриено надвор од градот. Младиот Евлампиј го испратија в град да донесе леб. Кога влезе во градот ја виде царската наредба за прогонство и убивање на христијаните залепена на ѕидот, ја симна и ја искина. За ова веднаш беше изведен пред судија. Кога судијата почна да го советува да се одрече од Христа, тогаш и Евлампиј почна да го советува судијата тој да се одрече од лажните идоли и да Го признае Христос како единствен жив Бог. По ова судијата нареди и го биеја долго дури не го облеа крв и го мачеa со долги, лути маки. Кога слушна за мачењето на својот брат, девицата Евлампија дотрча и самата заедно со брат ? за да прими маки за Господ Исус Христос. И таа беше биена додека крвта не ? удри на носoт и на устата. Потоа ги фрлија во врела смола, па во вжарена печка, но тие со силата на името Христово и со знакот на Крстот го направија огнот безопасен. Најпосле на Евлампиј му ја отсекоа главата, а Света Евлампија издивна пред отсекувањето. Тогаш беа погубени уште двесте христијани, коишто поверуваа во Христа гледајќи ги силата и чудата на Св. Евлампиј и неговата сестра. Сите се овенчаа со маченички венци и преминаа во Небесното Царство.

Тропар
Чест и поклонение денес кон вас покажуваме, маченици свети Евлампиј и Евлампија, бидејќи ревност за верата Христова покажувајќи, нe научивте како на Господа да се принесе, не жртва сепаленица, иако мноштво маки претрпевте, туку срце очистено, за Бога спремно положивте во вашето пред светот исповедништво. По нивните молитви свети, Господи спаси и помилуј.

Светите Зографски маченици

Кога царот Михаил Палеолог ја склучи злогласната Лионска унија со папата за од него да добие помош против Србите и Бугарите, светоторските монаси му испратија на царот протест против таа унија и совет да ја отфрли и да се врати во Православие. Папата му испрати на Михаил на помош војска. И таа латинска војска влезе на Света Гора и изврши такви вараварства, какви што Турците никогаш не направија за оние петстотини години. Откако го обесија Протатот и убија многубројни монаси во Ватопед, Ивер и по другите манастири, Латините нападнаа на Зограф. Блажениот игумен Тома им објави претходно на браќата оној којшто сака да се спаси од Латините да се засолни надвор од манастирот, а оној што сака маченичка смрт да остане. И така останаа дваесет и шестмина луѓе од кои дваесет и двајца монаси со својот игумен и четворица мирјани, манастирски работници. Сите овие се затворија во манастирската кула. Кога дојдоа Латините ја потпалија кулата, та во оган најдоа смрт оние дваесет и шестмина Христови маченици. Додека кулата гореше тие ги пееја псалмите и Акатистот кон Пресвета Богродица. Своите свети души Му ги предадоа на Бога на 10 октомври, 1283 година. Истата година во декември бедно умре нечестивиот цар Михаил, против кого, а во заштита на Православието, се крена српскиот крал Милутин.

Тропар
Тројновеликите светилници, Богоизбраниот полк на дваесет и шесте отци на Божествената Зографска обител, кои латинската прелест ја изобличија и насилно во оган завршија: Тома пастироначалникот, свештениот Варсануфиј, достојнославниот Партениј и останатите подвижници, собрани со песни да ги почитуваме, зашто тие Пресвета Троица секогаш за нас ја молат.

Светиот маченик Теотекн

Римски офицер во Антиохија во времето на Максимијан. Кога царот го нудеше да принесе жртва на идолите, тој одговори: „Јас верувам во Господ Исус Христос и Нему ќе Му се принесам себеси на жртва жива.“ После големи мачења го потопија во морето, откако му врзаа камен на вратот. Така пострада чесно.

Тропар
Спомни Си за нас, Господи, по молитвите Теотекнови, кој венец маченички доби, за ближниот животот свој положувајќи го, и Тебе прославувајќи Те, до крај останувајќи на вистината Твоја, за која срцето си го врза. Затоа сега се радува во Небесната татковина, војник Твој постанувајќи, за спасение на родот човечки.

Преподобен Васијан

Во времето на благоверниот цар Маркијан овој светител дојде од Анадолија во Цариград, во 450 година. Неговиот подвиг и чудотворната сила што му ја даде Господ беа големи. Имаше околу триста ученици, меѓу нив и Св. Матрона. Царот Маркијан изгради храм во негово име, којшто постои до денес.

Тропар
Пример на добродетели за сите постна, преподобниот Васијан, Христе Господи, на чии молитви денес се надеваме. Пастир на овците словесни постана, сведочејќи го животот по Твоето Евангелие и благодат Божја преку него се раздаваше, во чудеса кои преку него, Ти Господи, ги твореше.

Преподобен Амвросиј Оптински

Преподобен Амвросиј Оптински (крштелно име Александар) се родил во 1812 година, во селото Голема Липовица, Тамбовска губернија, во многудетно семејство. На 12 години, Александар го запишале во Тамбовското духовно училиште, а по завршувањето се запишал во Тамбовската духовна семинарија. Во 1839 година отишол во Воведенската Оптина пустина, во Калужската губернија, кај преподобниот Старец јеросхимонах Лав. Му било доделено послушание да му помага на готвачот. Работата како готвач на младиот послушник му одземала голем дел од денот, така што тој не можел да оди на богослужбите, но тоа го научило на внатрешната молитва. По три години, кога наполнил триесет години, Александар бил пострижен во монаштво, со име во чест на светителот Медиолански Амвросиј, и бил ракоположен за јероѓакон, а по две години – за јеромонах. Кога тешко се разболел, отец Амвросиј бил пострижен во схима, по што почнал да оздравува, но никогаш повеќе целосно не закрепнал. Тој не тажел за своите болести, туку ги сметал за неопходно средство за воспитување на душата. За да ги утеши болните, велел: „Бог од болен човек не бара телесни подвизи, туку само трпение со смирение и благодарење“. За поука кај него оделе илјадници верни и неверни луѓе од цела Русија. Кај него за совет и разговор доаѓале големиот кнез Константин К. Романов, Ф.М. Достоевски, А.К. Толстој, Л.Н. Толстој, М.П. Погодин и многу други. Преподобен Амвросиј имал дар на проѕорливост, исцелувал болни, им помогал на немоќните и бедните. Се упокоил на 10/23 октомври 1891 година во Шамординскиот манастир, а бил погребан во Оптинската пустина.

Тропар
Како кон исцелителен извор притекнуваме кон тебе, Амвросие оче наш, зашто на патот на спасението верно н? упатуваш, со твоите молитви од беди и напасти н? утешуваш, и на смирение, трпение и љубов н? поучуваш. Моли Го Човекољубецот Христос и Усрдната Застапничка да ги спасат нашите души.

22.10.2024 - 22:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега