Калас: Со последните напади Русија јасно покажа дека не сака мир

 

Сите земји членки на ЕУ сакаат мир и поддржуваат прогласување примирје, Украина пред повеќе од еден месец се согласи на безусловен прекин на огнот, но гледаме дека Русија се уште е единствената што сака војна, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.   

– Во текот на викендот бевме сведоци на најсмртоносниот воздушен напад во Суми, со што Русија јасно покажа дека воопшто не сака мир, додаде Калас на прес-конференцијата по завршувањето на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. 

Според неа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, единствениот начин да се натера Русија сериозно да преговара за мир е да се изврши поголем притисок врз неа, за што веќе ЕУ го подготвува 17-от пакет санкции, но во исто време треба и воено да се засили Украина, па на министерската средба станало збор за начинот за поддршка на Киев со снабдувањето со оружје и со обука на украинските војници. 

– Кога станува збор за иницијативата за испорака на два милиони парчиња муниција на Украина, среќна сум што гледам дека веќе исполнивме две третини од таа цел, но се уште немаме 100 проценти и дефинитивно треба да продолжиме со испораката, рече Калас, додавајќи дека големо мнозинство од земјите членки се согласуваат дека ЕУ треба да направиме повеќе во поддршката за Киев. 

Таа потсети дека оваа година членките на Европската Унија веќе одвија над 23 милијарди евра за помош Украина, со што веќе се надминати ланските 20 милијарди евра. 

Во однос на Блискиот Исток, Калас нагласи дека сите земји членки на ЕУ се согласиле со ставот за поддршка на мировно решение според принципот на две држави, а потсети и на денешната одлука на Европската комисија за одвојување на 1,6 милијарди евра во следните три години во рамки на Програмата за поддршка за Палестинците. 

– Кога станува збор за севкупната ситуација, таа е многу тешка и навистина сакаме преговарачите да се вратат на преговарачката маса и на прекинот огнот и да бидат ослободени сите заложници. Хуманитарната помош што се доставува во Газа за Палестинците не треба да се политизира, што значи дека треба да стигне до луѓето на кои им е потребна. Израел има право да се брани, но сегашните негови акции ја надминуваат адекватната самоодбрана, рече Калас. 

Таа нагласи дека ЕУ го поздравува Арапскиот план за обнова на Газа, но укажува и дека му недостигаат три важни елементи – финансирањето, безбедноста и управувањето со Газа, за чие надминување Унијата е подготвена да работи со своите регионални и меѓународни партнери. 

Калас информира дека на Советот се говорело и за состојбата во Сирија и за евентуалното укинување на санкциите кон земјата, при што е оценето дека засега новото сириско раководство не покажува многу чекори во очекуваната насока, па затоа ќе се следи состојбата во земјата и ќе се оценат натамошните чекори и постигнувањето на условите што ЕУ сака да ги види. 

Високата претставничка потсети и дека Советот донесе одлука за воведување санкции кон уште седум физички и две правни лица од Иран, одговорни за сериозни прекршувања на човековите права. Таа додаде дека во исто време, Советот ги поздравил разговорите за иранските нуклеарна програма како чекор во вистинската насока, затоа што, како што рече, ЕУ не би сакала да види како Иран развива нуклеарно оружје. 

Министрите разговарале и за состојбите во Африка, при што и сите земји членки изразиле подготвеност за поголем ангажман со африканските земји со цел да се избегне тие да потпаднат под надворешно влијание на трети страни, како Русија или Кина, бидејќи, како што нагласи Калас, ЕУ дефинитивно има што да им понуди. 

– Во Африка гледаме некои многу загрижувачки случувања, како најлошата хуманитарна криза во Судан, така што разговаравме и за тоа што повеќе можеме да направиме, рече Калас, додавајќи дека ЕУ ги осудува нападите врз бегалскиот камп Замзам, оценувајќи ги како крајно неприфатливи и бара нивен прекин.

14.04.2025 - 19:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега