Јавните здравствени установи годишно губат повеќе од 12 милиони денари бидејќи не изготвуваат извештаи за прегледите на магнетна резонанца

Јавните здравствени установи губат огромни суми на пари бидејќи не изготуваат извештаи за прегледите кои ги извршуваат со апаратите за магнетна резонанца, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.

Во 2022 година за 25.632 извештаи не постои трага дали е направен извештај што влијае на остварувањето на правата за пациентите и квалитетот на извршените услуги.

-Во исто време од ЈЗУ и во Мој Термин прикажани се 17.503 извршени услуги повеќе од фактурираните пакети кон Фондот за кои нема трага дали и на кој начин е извршена наплатата за услугите во вредност од 114.645 илјади денари (околу 1,8 милиони евра), при што можниот изгубен приход на ЈЗУ по основ на партиципација од пациентите изнесува најмалку 12.252 илјади денари. Во отсуство на ефикасни контроли горенаведените несовпаѓања не се детектирани како од ЈЗУ така и од страна на Фондот и истите се најизразени кај УИ за радиологија, ГОБ 8-ми Септември, КБ Битола, ОБ Прилеп и ЗД Скопје, се вели во извештајот од ДЗР.

Оттаму велат и дека доставените податоци од Фондот за фактурирани услуги се некомплетни. Пресметките за извршените услуги се изготвуваат во посебен интерен софтвер на ЈЗУ кој не е поврзан со Мој Термин, поради што не е овозможена системска контрола, a месечните контроли кои ги врши Фондот, согласно донесено Упатство, се однесуваат само на тоа дали во прилог на пресметката има упат, но не и дали за извршената услуга има изготвен извештај.

Она што е најинтересно е дека странските државјани плаќаат речиси половина од сумата која ја плаќаат македонските државјани.

-Услугите извршени како дополнителна дејност не се закажуваат преку електронската листа и не се евидентираат во Мој Термин. Цените за овие услуги се за 47% повисоки од цените за услуги извршени за странци и за вршењето на истите не се доставуваат писмени извештаи од страна на здравствените работници до установата. Опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во ЈЗУ со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа и координација во поглед на обезбедување на потребниот обучен стручен кадар и истите се недоволно искористени, а еден дониран апарат воопшто не е ставен во употреба. Постојат значајни разлики во набавната вредност на апаратите за МР, набавени на различен начин во различен период за различни ЈЗУ, имајќи ги предвид моделот и јачината на магнетно поле на апаратите, се вели во извештајот.

 

23.01.2024 - 14:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега