Јаневска најави смели реформи во образованието
Добро е кога на настани посветени на состојбите во образованието и на креирање идни политики, присутни се голем број чинители на општеството. Тоа покажува колку сите ние силно веруваме дека образованието е основниот постулат на кој треба да ја развиваме државата и гарантира утврдување на добар правец на делување за остварување на целта.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на конференцијата „Осигурување на одржливост на реформите за подобрување на образовниот систем“, во организација на Проектот „Зголемување на атрактивноста, инклузивноста и релевантноста на стручното образование и обука и образованието за возрасни“, кој е финансиран од ЕУ.
- Благодарност до сите присутни на оваа конференција и што ќе дадеме еден заеднички придонес кон градењето на поквалитетен образовен систем. Затоа што, ова не е обврска само на еден човек или само на една институција. Обврската е заедничка на сите нас, кои живееме, работиме и ја гледаме својата иднина тука во Македонија, а чест е што имаме партнери како Европската унија и повеќе други што постојано ни обезбедуваат поддршка, ефективна и видлива, потенцираше Јаневска.
Се надевам, рече министерката, дека таа поддршка ќе продолжи за приоритетите на новата Влада во делот на образованието.
- Важни ни се сите сегменти на образованието и одеднаш и подеднакво ќе делуваме и во основното и во средното образование, но и во високото и науката. Нови наставни програми и учебници за седмо, осмо и деветто одделение, а потоа навраќање и на подолните одделенија. Нови наставни програми и учебници во средното гимназиско образование. Во стручното останува проширувањето на концептот на дуално образование од кој верувам сите сме исклучително задоволни, но и продолжување на развојот на регионалните центри за стручно образование и обука, додаде Јаневска.
За сите промени, потребна е квалитетна законска регулатива, односно започната е јавна дебата за менување на повеќе законски решенија – за основно и средно образование, за средно стручно образование, за образование на возрасните и за националната рамка на квалификации.
- Чекорите кои ги преземаме ќе бидат посмели и порешителни, знаејќи дека имаме партнери на кои можеме да се потпреме во секое време. Нема лесни промени, но и нема откажување од иднината на нашите деца, истакна Јаневска во обраќањето пред присутните на Конференцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа