Јаневска: Македонија инвестира во квалитетно образование за медицински сестри и акушерки

 


Проектот за унапредување на образованието за медицинските сестри и на акушерките и воспоставувањето систем за признавање на професионалните квалификации ќе им овозможи на учениците и студентите да добиваат квалитетно образование по европски стандарди, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на настанот со кој беше означен почетокот на проектот, кој е финансиран од ЕУ и се имплементира со поддршка на Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија, техничка помош на Канцеларијата на СЗО во Скопје и македонското Министерство за здравство.

Здравствената струка се реализира во 20 средни училишта во  државата, а над 4.700 ученици, од прва до четврта година, се школуваат за медицински сестри. Во образовниот профил гинеколошко-акушерска сестра, од прва до четврта година, има вкупно 406 ученици. Некои од нив продолжуваат на студиските програми од прв, втор и трет циклус на студии.


 

„Проектот ќе обезбеди натамошно унапредување на сестринскиот и акушерскиот кадар, а ние како Влада и ресорни министерства се стремиме да создадеме услови за нивна поддршка. Нашата држава треба соодветно да го цени нивниот придонес преку конкурентни плати и можности за професионален раст и напредок за да можеме да ги задржиме меѓу нас. Како лекар можам со сигурност да кажам дека тие се столб на здравствениот систем, без кој не е можна здравствената заштита“, нагласи Јаневска.

Важен аспект на проектот е воспоставувањето на системот за признавање на професионалните квалификации, што ќе овозможи препознатливост на стекнатите дипломи. 

16.12.2024 - 14:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега