Јаневска: Јавната расправа за Концепцијата за гимназиско образование ќе трае цела година
Младите кои ќе се запишат во гимназиско образование оваа година, за десет отсега ќе треба да знаат вештачка интелигенција, програмирање, математика, физика, но и претприемништво за да се вклучат на пазарот на трудот. А овој систем кој не е променет од 1995 година, не им го овозможува тоа. Затоа се потребни промени и наместо критики добро е да слушнеме конструктивни сугестии и предлози.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната собраниска седница, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со процесот на усвојување нова Концепција за гимназиско образование.
„Имаме нацрт верзија на концепцијата и за истата отпочнавме електронско прибирање на сугестии. Ќе дискутираме цела година и доколку пратениците одлучат, ќе организираме и собраниска расправа. Но претходно ќе го слушнеме мислењето на сите засегнати страни“, рече Јаневска, додавајќи дека концепцијата ќе им понуди демократско, односно право на избор на учениците.
Министерката истакна дека сосема го разбира стравот на јавноста од промени, затоа што претходната влада носела одлуки со декрет и за образовни концепти не постоела широка дебата, посочувајќи ја Концепцијата за основно образование за која се организирала само една дебата во Собранието по што и била усвоена, без можности за забелешки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа