Јакимовски сака да се зголемат платите на функционерите: „Ако сакаме држава, таа држава кошта“

Стевчо Јакимовски, градоначалникот на Општина Карпош, вечерва јавно откри дека ја поддржува одлуката што ја донел Уставниот суд, а со која се укинуваат два члена од Законот за плати и надоемстоци на функционери, што доведува до зголемување на функционерските плати дури за 78 отсто.

Според Јакимовски, Уставниот суд донел правна одлука која, вели, треба да се почитува. Тој праша зошто до сега секоја година не биле усогласувани платите на функционерите.

-Сега наеднаш е усогласено и настанува револуција. Ако на овој народ не му требаат функционери, тогаш што ќе ни е држава. Го слушнав претседателот на државата и тој повикува. На што повикуваш претседателе, на безаконие? Па има закон и точно се знае коефициентот по просечна плата. Клучното прашање е зошто до сега сите овие години не е усогласувана платата како што е утврдено со закон – рече Јакимовски во Само вистина на Канал 5.

Јакимовски вели дека некој не треба да одговара поради драстичното зголемување на платите, туку за тоа што платите на фунцкионерите не биле зголемувани етапно секоја година.

-Дали е во ред ние Македонците да имаме држава, ако имаме држава таа држава кошта. За мене не е битно дали ќе ми се зголеми платата или не, зборувам приципиелно. Не уби тој пусти популизам и додворување на народот. Беззаконие е сега да го намалуваме коефициентот. Најмалку се битни тие 20.000-30.000 денари, туку треба закон да се почитува, изјави Јакимовски.

31.03.2023 - 19:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа