Извршниот директор на TikTok поднесе оставка
Извршниот директор на TikTok, Кевин Мејер поднесе оставка, а привремено ќе биде заменет од извршната директорка Ванеса Папас.
Ова се случува неколку дена откако TikTok ја тужеше Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за одлуката за оневозможување на работењето на оваа популарна апликација во САД.
„Последниве неколку недели се случија драстични промени на политичката сцена и откако анализирав какви структурни промени компанијата би требало да претрпи, и што тоа значи за нејзината глобална улога, решив, со тешко срце, да го напуштам тоа“, образложи Мејер.
Апликацијата, која е во сопственост на кинеската интернет компанија „Бајт-Денс“, доби налог од Белата куќа да го продаде својот американски удел до средината на септември.
Претседателот Доналд Трамп и други официјални претставници на Белата куќа во неколку наврати рекоа дека „Тик-Ток“ претставува закана за националната безбедност на САД заради кинеската сопственост.
Трамп потпиша извршна наредба на 6 август којашто би го забранила TikTok доколку Бајт-Денс не го продаде американскиот удел во рок од 45 дена. Една недела подоцна, на компанијата ѝ беа дадени 90 дена за да склучи таков договор.
Потезите на Белата куќа ги принудија Бајт-Денс и TikTok да побараат купувач. Мајкрософт, Оракл и други понудувачи разговараат за потенцијален договор, а цената се движи од 20 до 50 милијарди долари. Сепак, според TikTok, договор за толку кратко време е малку веројатно да се случи.
Потоа во понеделникот, следеше тужбата против Администрацијата на Трамп. Компанијата ги обвинува американските власти за оневозможување редовна постапка за продажба со присилување преку извршна наредба.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа