Израел евакуира град во близина на границата со Либан

 

 

Израел нареди евакуација на жителите на Кирјат Шмона, град на северот од земјата блиску до границата со Либан, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана. Кирјат Шмона има повеќе од 20.000 жители и е на околу два километри од граничната ограда.

Либанската армија денеска соопшти дека еден новинар е убиен во пукање во близина на границата со Израел. Израелската војска објави дека нејзините сили целеле на инфраструктурата на Хезболах и погодиле три лица кои се обиделе да истрелаат противтенковски ракети врз Израел.

Што се однесува до обвинението на либанската армија за убиството на новинарот, велат дека го истражуваат случајот.

Хезболах потврди дека истрелал ракети врз израелските позиции во селото Манара, на што Израелците одговориле со гранатирање.

Портпаролот на мировните сили на ОН во Либан, Андреа Тененти, рече дека еден цивил е убиен во престрелката.

Прекуграничната размена на оган стана речиси секојдневна по 7 октомври, кога палестинската група Хамас изврши напад во јужен Израел, по што израелската армија започна контраофанзива во Газа. Од тој датум, 13 борци на Хезболах се убиени во јужен Либан, соопшти организацијата, која инаку е сојузник на Хамас, кој влезе во војна со Израел во 2006 година.

Според израелската армија, врз нивната земја од Либан биле истрелани две противоклопни ракети и го погодиле селото Манара, но немало жртви.

Хезболах вели дека е подготвен да влезе во конфликт со Израел, додека израелскиот министер за одбрана пред пет дена изјави дека неговата земја нема намера да води војна на северниот фронт или да ја влоши ситуацијата на границата со Либан, доколку Хезболах се воздржи од напади.

20.10.2023 - 09:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега