Истражување: Државниот врв активен на сите канали, 21 од вкупно 24 членови на владиниот кабинет користат најмалку една социјална мрежа

 

Новиот државен врв е присутен на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер. Дополнително, и претседателката на државата, претседателот на Собранието, како и претседателот на Владата имаат и свои Тик Ток кориснички сметки, додека, пак, премиерот и претседателот на Собранието имаат и свои профили на мрежата за професионална комуникација и поврзување, Линкедин. Понатаму, 21 од вкупно 24 членови на новиот владин кабинет се активни на најмалку еден социјален медиум, додека истовремено активни на трите канали - Фејсбук, Твитер и Инстаграм, се премиерот и уште десет министри во Владата, покажа анализата на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) направена по повод почетокот со работа на новоизбраните носители на извршната власт во земјава. 

Во истражувањето стои дека тројца од министрите немаат присуство на ниту една од мрежите, а се забележуваат и кориснички сметки на социјалните мрежи кои се уште не се отворени за целата јавност.

-Во однос на официјалното дигитално присуство на јавните институции, досега во континуитет се бележеше значително поголемо присуство и посветување на корисничките сметки на јавните функционери споредено со оние на јавните институции. Исклучок од ова се веб страните, како и официјалните кориснички сметки на Собранието и Владата, како и веб страната на претседателот на државата. Ваквата состојба е неопходно да се промени, односно да се стави фокус на избор на професионални тимови за дигитални медиуми во институциите кои ќе креираат дигитален идентитет на секоја јавна институција со предимство на услугите и можностите за граѓаните, компаниите и организациите, а не првичен промотивен ПР за моменталниот јавен функционер/ка, стои во истражувањето.

Оттаму додаваат дека еден месец по изборот на новиот владин состав, речиси сите министерства имаат своја посебна веб страна, со исклучок на новоформираните кои или немаат сеуште креирано или користат некоја од постоечките веб страни. Во бројки во делот на социјалните мрежи, 18 од вкупно 20 министерства имаат свое дигитално присуство барем на еден социјален медиум, додека официјално Владата е активна со свое веб, како и присуство на сите анализирани социјални медиуми. 

-Има многу простор за подобрување и унапредување на начинот на кој институциите и првите луѓе ги користат социјалните медиуми. Сведочиме и на нередовна активност, а некои и воопшто ги нема на овие канали за комуникација. Исто така, кога зборуваме за содржините кои треба да ги објавуваат, важно е да се фокусираат на спецификите на самите социјални мрежи. Потребни се повеќе кратки видеа, содржини кои ги интересираат граѓаните како корисници на услуги, младите... Исто така, кај дел од услугите кои се промовирани дека се достапни онлајн се забележува нецелосна таква можност за граѓаните. Тука, како позитивен пример кој би можел да се мултиплицира може да послужи Министерството за образование кое има посебен софтвер за е-услуга, вели Стефан Атанасовски Трајковиќ, младински активист во ИДУЕП, кој за потребите на Институтот ја подготви оваа анализа. 

Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП Институтот, пак, наведува дека после повеќе од 15 години од активното користење, важно е политичарите да сфатат дека социјалните медиуми не постојат и не се користат само за забава и себепромоција, туку тие се важен сегмент во општествено политичката двонасочна комуникација.

-Надминуваме над 90 проценти од нашите граѓани кои се секојдневно активни на интернет и над две третини кои се активни на социјалните мрежи, а бројот на јавни услуги кои можат да се направат онлајн или од мобилен телефон сеуште се бројат речиси на прсти. И ова пропуштено време е неопходно брзо и квалитетно да се надомести, истакна Кордалов.

Дел од нивните препораки за подобрување во делот на употребата на дигиталните алатки и социјалните медиуми од страна на јавните институции и функционери се - преглед и објава на сите услуги што ги даваат јавните институции и креирање јавен план и динамика во кои рамки истите, покрај на хартија и шалтер, ќе бидат достапни онлајн за брз и квалитетен пристап и користење од страна на сите граѓани, компании и организации.

-Во овој дел е важно да се води грижа за сите возрасни, како и ранливи групи кои имаат или може да имаат потешкотии со пристап до дигитални содржини или, пак, со дигиталната писменост за што е потребно да се предвиди дополнителна поддршка од страна на институциите. Исто така, ова подразбира висок степен на сајбер безбедност и систем за целосна заштита на личните податоци на секоја индивидуа и правен субјект, наведуваат оттаму.

Дополнително, додаваат од Институтот, изработка на мобилна апликација или мобилни апликации за услуги од јавните институции со цел секоја заинтересирана личност да може на уште поедноставен начин да дојде до посакуваната јавна услуга, како и да се зголеми дигиталната писменост имајќи ја во предвид масовноста на користење на интернетот и т.н. паметни телефони.

-Евидентна е послабата присутност на институциите, па и на јавните функционери на Инстаграм, а особено на Твитер. Потсетуваме дека институциите платени од страна на граѓаните немаат избор дали и каде ќе бидат присутни, туку е неопходно да изградат применлива стратегија за професионална присутност на социјалните мрежи и другите актуелни дигитални платформи, заклучуваат ИДУЕП во своето истражување.

24.07.2024 - 14:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа