Илхан Кјучјук: Најголемиот непријател е трката за национализам

Бугарскиот европратеник, кој е и известувач за Македонија, Илхан Кјучјук очекува позитивен развој на односите меѓу двете држави, но не може да предвиди временски рок кога Македонија би ги почнала преговорите со ЕУ. Во интервју за Прес 24, Кјучјук, вели дека „најголемиот непријател помеѓу Бугарија и Северна Македонија е трката за национализам. А едниот национализам сам по себе раѓа друг национализам“.

- Германското претседателство навистина вложи многу напори за да го олесни дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија.. Ја спделувам тезата, дека отворените двострани прашања треба да се решаваат паралелно со преговарачкиот процес, но за да имаме успех Софија и Скопје треба да се вратат на масата за преговори и кон темелите на Договорот за добрососедство. Неопходно е двете држави да постигнат компромис за патоказ со конкретни мерки, чие спроведување треба да биде оценувано во текот на процесот на пристапување,вели Кјучјук во интервјуто за Прес24.

Потенцира дека во последниот период има напредок во односите, но најважно е вели да се работи на довербата и релаксирање на односите меѓу граѓаните од двете држави. 

- Ние многу често спориме за нешта, кои се во минатото, но истовремено се објект на различни медиумски шпекулации.  Ете зошто создавањето на заеднички медиумски проекти, за да не информираат и зближуваат едни кон други се од суштествено значење. Благодарение на активната работа на г-н. Бучковски ги гледаме и првите резултати, вели бугарскиот европратеник од партијата „Движење за правда и слободи“, во Македонија позната како партија на Турците, која е и коалиционен партнер на власта во Бугарија.

ПРЕС24: Неуспехот во декември да се случи првата меѓувладина конференција со која ќе биде отворен процесот за преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, беше доживеан како голем неуспех на Брисел, но и сериозно разочарување во Северна Македонија, затоа што блокадата дојде од Софија. Какви се шансите оваа година Македонија да ги почне преговорите со ЕУ?

КЈУЧЈУК:  Работиме засилено за да се случи што е можно поскоро, но не можам да се врзувам со конкретни рокови. Решението на Европскиот совет од крајот на минатата година не беше добро за Западниот Балкан и не само што ја поткопува довербата кон Европската Унија, туку има и директни негативни рефлексии врз самите држави. 

ПРЕС24: Вие сте известувач за Северна Македонија во ЕУ, ја имате состојбата од одблиску. Постојат ли во моментов други посериозни пречки за почнување на преговорите со ЕУ?

КЈУЧЈУК: Добрососедските односи се во центарот на европската интеграција и тие со себе водат многу други околности. Прашањето кое Бугарија и Северна Македонија треба да го разрешат е многу поразличено од она, решено од Преспанскиот договор. И покрај тешката ситуација во моментот, државата не треба да ги запре реформите. Напротив, тие треба да се забрзаат. Во некои области се потребни повќе промени и брз напредок, но Владата го има целиот потенцијал да продолжи по патот на европската интеграција. И најважното – да има широк политички консензус.

ПРЕС24: Како Вие го гледате процесот на реформи во Северна Македонија во поглед на нејзиниот процес на Евроинтерации. И колку може да се искористи бугарското искуство во тој процес?

КЈУЧЈУК: Бугарија имаше успешен процес на преговори и нејзиното искуство може да биде од непроценливо значење за Северна Македонија, особено во однос на некои клучни реформи. За таа цел, сепак, нашите меѓусебни односи мора да застанат на поинакво ниво.

Изминативе години Северна Македонија помина долг пат и заслужено дојде до фазата за почнување на формални преговори за присоединување кон ЕУ. Владата на Заев демонстрира континуитет во посветеноста кон европскиот и евроатланскиот пат на државата со спроведување на стабилни и инклузивни демократски реформи и со преземање важни чекори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото.

ПРЕС24: Голем дел од европските аналитичари сметаат дека блокирањето на македонските евроинтеграции е лош сигнал за Балканот, кој може да предизвика посериозна дестабилизација и на подолг рок да ги активира националистичките структури. Колку се ова го разбираат во Брисел?

КЈУЧЈУК: Во Брисел, ние прецизно ги земаме предвид ризиците што ги носи таквата одлука. Појавата на националистички тенденции е феномен својствен не само на Балканот, туку и низ цела ЕУ. Заедно мора да се спротивставиме на овој тренд, бидејќи согласни сте дека, најголемиот непријател помеѓу Бугарија и Северна Македонија е трката за национализам. А едниот национализам сам по себе раѓа друг национализам.

ПРЕС24:  САД, но и Германија ја заговараат идејата дека билатералниот спор меѓу Скопје и Софија треба да се решава одвоено од процесот на преговори, односно паралелно со што ќе се овозможи и повеќе време за да се постигне некаков компромис. Можно ли е ова да биде најсоодветно решение?

КЈУЧЈУК: Германското претседателство навистина вложи многу напори за да го олесни дијалогот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ја спделувам тезата, дека отворените двострани прашања треба да се решаваат паралелно со преговарачкиот процес, но за да имаме успех Софија и Скопје треба да се вратат на масата за преговори и кон темелите на Договорот за добрососедство. Неопходно е двете држави да постигнат компромис за патоказ со конкретни мерки, чие спроведување треба да биде оценувано во текот на процесот на пристапување.

ПРЕС24: Се чини дека последните десетина месеци меѓу Скопје и Софија се случува нешто кое ги комплицира односите. Како Вие ги гледате моменталните односи меѓу двете држави?

КЈУЧЈУК: Верувам дека и двете држави ќе ги возобноват конструктивните разговори, затоа што во спротивно го гледаме алармантниот развој на состојбата, имено растечки национализам и говор на омраза. Разбирањето и взаемната почит меѓу нашите граѓани ќе биде од решавачко значење, а изградбата на заеднички инфраструктурни, образовни и културни, како и медиумски проекти е клучот за успешни добрососедски односи. А позитивниот пример е таму. Видовме дека и двете држави можат да соработуваат успешно кога заеднички го организираа успешното претседателство со Берлинскиот процес за Западен Балкан и донесоа важни одлуки, на пример создавањето на заедничкиот регионален пазар како чекор кон единствениот пазар на ЕУ.

ПРЕС24: Можен ли е исчекор во раговорите во следните месеци, или ќе треба да се чекаат изборите во Бугарија?

КЈУЧЈУК: Знамеме дека тешко се решаваат важни прашања пред избори. Но во исто време не треба да се потпираме само на ситуацијата по изборите, затоа што избори доаѓаат и си заминуваат. Истото се однесува и за владите. Ние треба да градиме пријателство меѓу народите на двете држави. За подобро утре, треба да работиме денес. Тоа им го должиме на идните поколенија. 

ПРЕС24: Иако официјална Софија тврди дека нема ништо против реалноста, сепак изјавите на дел од политичарите на власта, но и на голем дел историчари се насочени нон негиранње на македонскиот идентитет и јазик. Како Вие гледате на позицијата на Софија во поглед на ова прашање?

КЈУЧЈУК: Разговорот за историјата никогаш не е лесен. Најголемиот успех на договорот од 2017 година е воведувањето на концептот „заедничка историја“. Тоа дава огромни можности за да се отвори разговорот за иднината.

ПРЕС24:  Во Република Северна Македонија има перцепција дека темата Македонија во бугарското општество е сензитивна и околу нејзе постои општ консензус. Многу мал е кругот на луѓе кои имаат критички однос кон официјаната бугарска политика. Зошто е тоа така?

КЈУЧЈУК: Во историски план темата за Македонија секогаш заземала суштинско место во бугарската политика. Во современ исто! И двете страни имаат интерес Северна Македонија да биде дел од ЕУ. И со тоа ќе паднат ѕидовите. Кога ѕидовите ќе бидат урнати, ќе паднат и предрасудите.

ПРЕС24:  Како и да се погледнат состојбите сосема јасно е дека меѓу двете држави постои голема доза на недоверба и на политички, но за жал и на општествен и економски план. Има ли безболен модел како таа доверба да се изгради?

КЈУЧЈУК: Тоа во голема мера се должи на отсуството на комуникација и размена на веродостојни информации меѓу двете земји. Како најблиски, многу малку знаеме за другиот. Ние многу често спориме за нешта, кои се во минатото, но истовремено се објект на различни медиумски шпекулации. Ете зошто создавањето на заеднички медиумски проекти, за да не информираат и зближуваат едни кон други, се од суштествено значење. Благодарение на активната работа на г-н. Бучковски ги гледаме и првите резултати. БНТ 4 ќе се емитува на тероторија на Северна Македонија. БТА има намера да отвори канцеларија во Скопје. МИА веќе има дописник во Софија. 

ПРЕС24:  Вие сте европратеник од партијата Движење за правда и слободи и сте претставник на турската етничка заедница. Бугарија е држава која е многу осетлива на малцинските прашања, а во тој контекст особено осетлива на прашањето за македонско малцинство. Зошто е тоа така? 

КЈУЧЈУК: Ова прашање во Бугарија е различно. Земјата успеа да направи мирен премин од тоталитаризам кон демократија благодарение на единствениот бугарски етнички модел, чиј архитект е почесниот претседател на Движењето за права и слободи д-р Ахмед Доган. Подоцна, нè обедини заедничката, консензуална кауза, за европскиот развој, изразена во членството во НАТО и ЕУ и успеавме да ја реализираме. Денес, ние сме убедени дека тој етнички модел, заснован на заедништво може да послужи како пример за државите од Западниот Балкан. Да се ​​надминат разликите акумулирани од долгите историски слоеви и тлеечките етнички конфликти, што ќе ги отвори вратите на државите на нивниот пат кон ЕУ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.02.2021 - 09:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега