Христина Спасевска: Дозволивме образованието да трпи со носењето на брзи и неиздржани законски решенија

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор. Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Проф. д-р Христина Спасевска е редовен професор на ФЕИТ, инститит за математикаи физика. Родена 1967 година во Струмица. 1990 дипломирала на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Природно-математички факултет, Институт за физика. Насока: применета физика. 1997 година завршиламагистерски студии на истиот универзитет,  а 2002 година докторат на тема „Истражувања на молекуларни и макроскопски параметри на полимери што содржат 1,3,4-оксадијазолови прстени”. Ја врши функцијата Проректор на УКИМ за настава.

ПРЕС24:  Како го оценувате развојот на Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“ во последните три децении независност  на државата?

 

СПАСЕВСКА: Од осамостојувањето до денес УКИМ има многу значајна улога во развојот на македонското општество во целина. Но исто така, УКИМ мораше на плеќи да ги носи сите предизвици со кои се соочуваме затоа што твориме во мала држава, која имаше други приоритети и не се согледа дека образованието и науката се клучот за нејзиниот развој. Образованието не трпи промени, донесени на брзина поради популизам, или уште полошо, преземени странски искуства и не прилагодени на македонски услови. Општествените случувања имаа силно влијание на нас како државен универзитет. На почеток, понесени по инерцијата од социјализмот, кога бевме во голема држава, продолживме на ист начин како на национално така и универзитетско ниво, без создавање на уникатност, што е многу значајна за нашиот развој. Можеби поради меѓународното затварање на Македонија во тие години изгубивме многу од поранешните странски контакти, со кои можеме да работиме елитна наука. Потоа следуваа низа брзи реформи, без наше консултирање, што сѐ повеќе го ставаше УКИМ во подредена состојба на државните институции, кои и покрај прокламираната автономија, нѐ правеа целосно зависни.  Тогаш ние професорите, немајќи каде, во време на неконзистентни политики кои се менуваа со секоја нова влада и секој нов министер, самоиницијативно тргнавме по светот да градиме сопствена меѓународна мрежа со која ќе работиме наука. Така остана и до денес, без одржлива континуирана државна поддршка. Во такви услови, УКИМ со сиот свој капацитет се трудеше да се издигне над незавидната ситуација во науката и образованието. Имавме подеми и падови, но сепак ги образуваме најквалитетните и најуспешните кадри. Науката и меѓународната соработка остана да биде само универзитетска иницијатива со минимална национална поддршка. Денес УКИМ има лаборатории кои делумно можат да ги обезбедат средства за работа, затоа што науката не носи средства, во неа треба да се вложува. 

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар универзитет во Македонија?

СПАСЕВСКА: Секако дека го заслужува! УКИМ е универзитет што ги има околу 70% од студентите во државата и реалниот сектор тоа многу добро го препознава. Ние образуваме и кадри од области кои се од општествено и национално значење, а не се атрактивни за младите поради малите плати. Тогаш во напливот на голем број државни и приватни универзитети и нелојална конкуренција поради тоа што што го гледаат само финансискиот аспект, имаме катедри и институти кои имаат мал број студенти и целосно се зависни од државните средства. По секој основ, образование, наука, меѓународна соработка, вработливост на кадрите, УКИМ е најдобриот универзитет во Македонија.

ПРЕС24:  На што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети?

СПАСЕВСКА: Македонските граѓани очекуваат од  УКИМ да биде лидер на секое поле, секогаш кога се случуваат девијантни појави во општеството или на политичката сцена, тие од УКИМ како автономна институција, бараат да укаже и понуди решение. За жал ние секогаш не одговоривме на оваа задача. Нашите ставови, многу често контрадикторни, беа резултат на одредени универзитетски професори, некогаш независни, а некогаш инструирани од политички или бизнис влијателни личности. УКИМ затаи во координираното носење на ставови и политики, со исклучително почитување на автономијата на секој универзитетски професор да твори и дејствува.

Ова се одрази и на наште меѓународно рангирање. Голем универзитет во мала држава мора да има сопствена долгорочна политика и механизми за развој, кои ќе ги наметне на државата. Поинаку не може, затоа што секогаш ќе чекаме некој нов министер или нова владина одлука да ни ја подобри состојбата. Мора да се донесе долгорочна универзитетска стратегија за развој, која веднаш ќе се применува и ќе даде резултати.

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

СПАСЕВСКА: Како голема и влијателна институција УКИМ не се наметна во креирањето на националните образовни и научни политики. Дозволивме образованието да трпи со носењето на брзи и неиздржани законски решенија. Не се изборивме за финансиска автономија, заеднички со државата да планираме нашиот буџет на мерливи критериуми што овозможуваат квалитетно образование и наука. Образованието на секој граѓанин е загарантирано право со устав, но денес ниту државата, ниту академската средина немаат претстава, со бројки,  колку чини  квалитетно образование и наука, за да кажеме дека со буџетот што го добиваме не може да постигнуваме врвни резултати.

Од ректорот направивме моќна фигура со дискрециони права. Некогаш во разговори од моите колеги професори слушам: „Ректорот на времето беше четвртиот човек во државата“, споредувајќи го со политичарите, претседателите на државата, собранието и владата. Ректорот не треба да биде моќна фигура, УКИМ со сите професори и студенти, треба да биде моќен.

УКИМ старее, а не успеавме да го реализираме она што последната влада дури и го имаше во својата програма, на секое испразнето место да се добие ново вработување. Исто така со малиот број на меѓународни проекти, не сме атрактивни за младите што сакаат да работат наука и апликации. Ова треба многу брзо да се промени со изнаоѓање начин како да ги задржиме младите.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

СПАСЕВСКА: Од УКИМ потекнуваат сите влијателни личности во општеството, но и универзитетски професори со слободоумни идеи, кои имаат ставови многу поразлични од политичарите. Политиката го препознава УКИМ како институција која во секој момент може да изненади со својот став по дадено прашање. Кога ќе се спомне образование, во перцепцијата на граѓаните секогаш е УКИМ, дури и медиумите кога зборуваат за образование на снимките го даваат УКИМ, а ниту еден друг универзитет.  Можеби затоа политиката се труди да влијае врз нас на секој можен начин, иако со закон имаме загарантирана академска автономија. Во минатото, сме сведоци кога под влијание на политиката имаше случаи на поделеност во два табори на академскиот кадар и студентите. Недоволно се поттикна студентскиот активизам и студентската автономија, дозволувајќи политичките партии да имаат влијание врз нив.

Во магичниот круг на влијание помеѓу политиката и високото образование, со делумна академска автономија, се бараше полесниот пат за спроведување на целите, без да се има предвид колку тоа ќе чини. А чинеше многу, целосно зависност од државата. Иако УКИМ, нејзините студенти и професори, покажаа голема одважност во дадени моменти спротивставувајќи се политичките одлуки.

ПРЕС24:  Исплатливо ли е да се биде универзитетски професор?

СПАСЕВСКА: Не, не е исплатливо, со исклучок на професори кои покрај во науката и образованието се вклучени во високоплатени државни проекти или имаат удели во успешни компании. Од плата, па и со дополнителен ангажман во науката и со развојни проекти, професорот може да има само скромен и едноставен живот. Тоа се должи и на нашата професија, во која мора многу да вложуваме време и сопствени финансии, додека да се етаблираме како академски кадар.  За разлика од другите професии кај кои заработката се зголемува со годините, кај нас во првите десетина години вложуваме сопствен капитал. Тоа е причината што не можеме да ги задржиме младите, едноставно тие не се подготвени на големи одрекувања на почеток, во периодот кога сакаат финансиска самостојност и услови да оформат семејство.   

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет?

СПАСЕВСКА: Враќањето на рејтингот на УКИМ за лидер на секое поле и партнер на државата во креирање на образовните политики. Тоа значи многу работа и воспоставување на наш систем за квалитет во сите дејности што треба да вроди плод за кратко време. Во мојата програма има предлози за системски решенија, преточени во правила и прописи, за распределба на буџетските и интегративните средства и распределба на плановите, кои сега не постојат, па со еден ослободен пристап ќе се намалат дискреционите права и моќта на ректорот. Истиот модел за распределба на финансиите ќе го понудиме на државата што ќе овозможи намалување и на нејзиното влијание врз високото образование.  Во соработка со националните институции задолжени за тоа, ќе се наметнеме во креирањето на  одржливи политики за високото образование особено, во кои точно со бројки ќе се знае што значи финансирање на квалитетно образование и наука. Истовремено ќе направиме внатрешна прераспределба на сопствените средства за зголемување на меѓународната соработка, тука ќе влезат 5% од средствата што се зафаќаат од проектите, а сега ги зема дел од управата и од намалувањето на ректорскиот додаток. Така преку дефинирана поддршка на голем број на апликации во меѓународни проектни програми ќе обезбедиме дополнителни средства кои можат да бидат значителни во однос на нашиот сегашен буџет.

ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен?

 

СПАСЕВСКА: Секако дека се можни со исклучително залагање на владата, националните тела кои се задолжени за тоа и сите универзитети, без да се гледаат само личните и политичките интереси, туку да се постават одржливи законски решенија и механизми што ќе дадат резултат за подолг временски период, без брзи турбулентни реформи.

Она што во овој момент го намалува квалитетот на високото образование во државата е моделот на финансирање со средства од студентите. Од една страна, во потрага за поголем буџет, се намалија критериумите за квалитет и успешност, а од друга, многу студиски програми, како што се хуманистичките и уметничките, кои по својата природа немаат можност за голем број студенти се соочуваат со супстандардни услови за работа и развој. Тоа треба да се смени.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

СПАСЕВСКА: УКИМ и јас како иден ректор, ако бидам избрана од моите колеги, со сето мое искуство како професор и со долгогодишниот општествен ангажман, ќе градиме партнерски однос со државните институции за развој на образованието. Тоа е наша одговорност како најголем и највлијателен универзитет.  Но она што е исто така значајно, секогаш ќе даваме поддршка и на идеите од невладиниот сектор и опозицијата, а кои се во контекст на подобрување на образовните политики и општеството во целина.  

Многу често, државата сакајќи да покаже дека вложува во наука, дел од средствата за технолошки развој ги става на тоа конто. Според новите европски стандарди, иновациите и технолошкиот развој целосно се темелат на научни резултати. Затоа најбрзо што може, уште во наредната буџетска година треба да се направи државен фон за наука, кој ќе овозможи по правила, непристрасно распределување на многу поголеми средства за наука, согласно квалитетот на институциите и научниците, со исклучителен акцент на младите истражувачи.

ПРЕС24: Што мислите за систем на саморегулација кај професорите на УКИМ во поглед на етичките, моралните и академските критериуми?

СПАСЕВСКА: УКИМ мора да има систем со вистински етички, морални и академски критериуми за саморегулација по секој основ. Нивното поставување и воведување на механизми за спроведување, со високи стандарди, ќе ја зацврсти академската автономија, внатре во УКИМ, но и она што е позначајно, кон надвор.  Имањето услови кои ние самите ќе ги поставиме, а ќе се одликуваат со голема транспарентност и отчетност, нема да дозволиме надворешно влијание од образовни и научни политики кои ги подготвиле некомпетентни државни службеници. Тоа е академска автономија во вистинска смисла на зборот, со саморегулирање и стандарди кои ќе овозможат развој.

23.05.2023 - 10:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега