„Хотели за инсекти“ - еколошки инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на аутизмот
Националната галерија на Македонија денеска во Зоолошката градина во Скопје ќе го заокружи еколошкиот инклузивен проект „Хотели за инсекти“, по повод Меѓународниот ден на аутизмот.
Националната галерија на Македонија и оваа година како и во предходните организира проекти кои се значајни не само за подигнување на јавната свест за лицата со аутизам туку и за подигање на колективната свест и одговорност за управување со природата воопшто. Работилниците се инклузивни и во нив учествуваа учениците од повеќе училишта: ОУ „Невена Георгиева Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, како и студентите од Машинскиот факултет отсек индустриски дизајн.
Во скопската ЗОО денеска ќе бидат поставени изработените творби од учениците. Покрај поставување на хотелите за инсекти ќе биде презентиран прирачник за инсекти кој го изработија студентите од Машинскиот факултет - отсек индустриски дизајн.
- Промените во природата предизвикани од човекот не само што им отежнуваат на инсектите да најдат храна, туку и, и покрај нивната мала големина, инсектите како дивите пчели и бубачките сè почесто имаат проблем да најдат места за гнездење. Ако се земе во предвид дека околу 80 проценти од дивите растенија и повеќе од 150 важни култури зависат од опрашувањето на инсекти, овие засолништа се од исклучителна важност. Оттаму изградбата на хотели за инсекти во последниве години е се популарна. Направените хотели ќе бидат поставени во Зоолошката градина на град Скопје во пролет кога тие најмногу се движат и бараат место за хибернирање, одмор или размножување, наведуваат од Националната галерија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа