Гутереш го поздрави продолжувањето на договорот за жито: „Тоа е добра вест за светот“

 

 

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денес го поздрави продолжувањето на договорот за жито, истакнувајќи дека остануваат отворени прашања за кои Русија, Украина, Турција и ОН ќе продолжат да разговараат.

„Продолжувањето на договорот е добра вест за светот. Гледајќи напред, се надеваме дека извозот на храна и ѓубрива, вклучително и амонијак, од Руската Федерација и Украина ќе може безбедно да стигне до глобалните синџири на снабдување“, рече Гутереш, пренесе Ројтерс.

Претходно Русија и Украина потврдија дека се договориле за продолжување на договорот за уште 60 дена, откако тоа го објави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека договорот е продолжен за да им се помогне на земјите на кои им е потребна помош, но нагласи дека севкупната проценка на Русија за ситуацијата во врска со договорот „не е променета“.

Од друга страна, украинскиот вицепремиер Олександр Кубраков изјави дека Киев го поздравува продолжувањето на договорот, но порача дека не смее да и се дозволи на Русија да го саботира договорот со кој се овозможува извоз на украинско жито од пристаништата на Црното Море.

17.05.2023 - 22:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега