Грковска: Обвинители кои немаат интегритет за независно да одлучуваат е најголем пораз за мене како граѓанин

 

Немањето на интегритет кај обвинителите да одлучуваат независно е она што најмногу ме поразува како граѓанин, истакна вицепремиерката Славица Грковска во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.

 

„Ние, како Влада, сме овозможиле предлог на Закон кој што поминал, со кој што се овозможило на обвинителите со тајно гласање да изберат шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. И ние се соочуваме со ситуација, со обвинители кои се плашат дека некој може да дознае и покрај тоа што гласаат тајно. Ако сакаме да имаме успех во борбата против корупцијата, мора да направиме коалиција на луѓе со интегритет во сите области, во сите институции“, истакна Грковска.

Во изминатите денови, претседателката на Судскиот совет Павлина Црвенковска поднесе оставка на функцијата и притоа наведе притисоци од судско-бизнис елита.

„Ја охрабрувам да не остане на тоа. Ако е тоа така и ако навистина има сериозни притисоци, ја повикувам да пријави и нека покаже. Она е дел од тој систем кој што треба да се бори против таквите влијанија. Солидарноста внатре во фелата, во обвинителство, во судството, едноставно треба да престане. Прво, поради самите обвинители и судии, затоа што на нив не им оди во прилог да се става дамка на секој од нив само заради неколкумина, исто како на нас политичарите не ни оди во прилог да влегуваме во истиот кош“, истакна Грковска.

Таа потсети дека од првиот ден на преземање на функцијата на која е во моментот, повикува на индивидуална одговорност. Колективна одговорност, како што додаде, не прифаќа.

 

09.12.2022 - 20:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега