Грковска-Нефју: Дигитализацијата на процесите е важен елемент во справувањето со корупцијата

 
 
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше работен ручек со Ричард Нефју, глобален координатор за антикорупција на американскиот Стејт департмент.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што Соединетите Американски Држави и ја даваат на Република Северна Македонија, особено во однос на имплементацијата на принципите за добро владеење, владеење на правото и дигитализацијата.
На средбата двајцата соговорници разговараа за потребата од силен превентивен механизам кој ќе овозможи ефикасно справување со корупцијата и судир на интереси. Вицепремиерката Грковска информираше за процесот на подготовка на законската регулатива која треба да овозможи конфискација без осудителна пресуда, која е во завршна фаза.
Двајцата соговорници разговараа и за потребата од реформа на правосудниот систем и одговорноста што секој треба да ја носи во извршувањето на својата работа.
Во однос на дигитализацијата, за што САД дава голема помош и поддршка, вицепремиерката Грковска информираше дека Концептот за дигитална трансформација на општеството веќе е усвоен од Националниот совет за дигитална трансформација на општеството и е објавен на ЕНЕР за јавна расправа.
Во однос на евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, вицепремиерката Грковска нагласи дека полноправното членство во Европската унија за нашата држава е приоритет, но сите треба да бидеме свесни дека реформите, кои се предуслов за напредок и просперитет на државата, пред се, зависат само од нас.
 
10.03.2023 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега