Грковска: Ја цениме австриската поддршка во процесот на пристапување кон ЕУ

 

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со делегацијата на пратеничкатата група на Парламентот на Република Австрија за соработка со Собранието на Република Северна Македонија, која е во дводневна посета на земјава.
Вицепремиерката Грковска им посака добредојде на австриските пратеници, се заблагодари за поддршката која земјава ја добива од пријателска Австрија и нагласи дека градењето блиски релации помеѓу парламентите на двете земји е од големо значење, затоа што тоа води кон поголема соработка во сите други области.
Членовите на австриската парламентарна група за пријателство истакнаа дека целта на нивната посета е да искажат поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и да се информираат за текот на реформите кои се поврзани со оваа цел. Се разговараше и за потребата од донесување на уставните измени, како клучен чекор за продолжување на патот до полноправно членство во Унијата.
Пратениците изразија интерес за улогата на Кабинетот за добро владеење, кој за првпат се воспостави со формирањето на актуелната Влада. Во таа насока, вицепремиерката Грковска информираше за надлежностите и активностите поврзани со борбата против корупцијата, јакнењето на транспарентноста и ефикасноста на институциите и дигиталната трансформација на општеството. Таа се осврна и на реформите во администрацијата и почитувањето на Етичкиот кодекс од страна на носителите на функции, а се разговараше и за актуелните состојби во правосудството.
Осврнувајќи се на сите овие предизвици, вицепремиерката Грковска истакна дека во година која е клучна за европските интеграции во земјата, секој чинител во државата треба да е свесен за својата одговорност во процесот.
11.05.2023 - 16:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега