Горан Ајдински: Не постои сериозна реформа без финансиска поддршка

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор.

Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Проф. д-р Горан Ајдински е редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Роден е 1968 година во Скопје. Дипломирал на Дефектолошкиот факултет во Белград 1992 година. Магистрирал 1994 година.

 

Во почетокот на 1995 година бил избран како помлад асистент на студиите по дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на 1996 година бил избран во звањето асистент. Докторирал 1998 година на Дефектолошкиот факултет во Белград и се стекнал со научен степен доктор по дефектолошки науки. Во звањето доцент е избран во 1999 година. Во декември 2003 година е избран за вонреден професор, а во ноември 2008 е избран за редовен професор по научните области: општа дефектологија, олиогофренологија и дефектолошка дијагностика.

ПРЕС24: Како го оценувате резвојот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во последните три децении независност на државата?

АЈДИНСКИ: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е јавен универзитет и секоја општествена промена се рефлектира врз неговата работа. Изминативе три децении работењето на УКИМ го одблеажаа повеќе случувања: внесувањето на Универзитетот во трезорското работење, отворањето на нови универзитети, сè полошото финансирање на науката итн. Од движечка дејност, благодарејќи на третманот, науката полека почна да се перципира и да се третира како потрошувачка. Средствата кои се одвојуваат од буџетот на државата за наука и истражување, постепено паѓаа, така што денес се само 0,5% од БДП. Од друга страна, и од таквиот скромен буџет, трошоците на државата реално се зголемуваа со отворањето на нови универзитети, па таа тоа го компензираше со кратење на средствата и новите вработувања на веќе постоечките универзитет. Понатаму, недостигот на јасни критериуми за финансирање на образовната и научноистражувачката дејност, честото менување на законот за виоското образование, немање јасна стратегија од страна на државата итн. Сето ова, покрај другото, имаше влијание и врз квалитетот на образованието.

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар универзитет во Македонија?

АЈДИНСКИ: Да, УКИМ го заслужува тој епитет, затоа што е факт дека тој е најдобар универзитет во државата, без оглед на случувањата во последните години. Но, таквата позиција мора да се одржува. Соочени сме со динамични промени во сите сфери на живеењето, нелојална конкуренција, лошо менаџирање во последните години, а сето тоа несомнено има свое влијание врз Универзитетот. Веќе не е доволно да кажеме дека сме најстар, најголем, најдобар, во државата. УКИМ треба да се докажува и да се споредува секогаш со подобрите универзитети во регионот, а не со послабите во државата. Затоа што, дури тогаш работите добиваат вистинска смисла.

ПРЕС24: На што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети?

АЈДИНСКИ: Проблемот со падот на Универзитетот на светските листи е комплексно прашање, но тоа не значи дека е и нерешливо. Секогаш, тргнувам од тоа дека секој универзитет во државата, без оглед на тоа дали е голем или мал, пред сè треба да биде институција која што во рамките на своите компетенции и можности ќе придонесува за општествениот напредок и за општото добро. Но, без оглед на тоа, меѓународното рангирање на универзитетот е негово меѓународно легитимирање во поширокиот образовен и истражувачки простор, и тоа е повеќе од потребно. Заземањето на солидна позиција на ранг листите, од друга страна пак е поврзано со можностите коишто Универзитетот може да ги добие за вклучување во европските и светските истражувачки мрежи, фондови, фондации и сл. Затоа, ќе настојуваме да ја зголемиме препознатливоста на Универзитетот на релевантните ранг листи преку доследна примена на нашите стратешки определби. За жал, „препознатливоста“ или „видливоста“ на Универзитетот, во последниве години како термини често беа спомнувани од раководните структури, но без да се анализира што тоа точно значи и како се постигнува. Евидентно е дека во последниве години Универзитетот има пад на повеќето листи. Но, како ништо да не се случува. Сè се сведува на убедување дека базите се нерелевантни, листите се погрешни и сл. Ненавремената сериозна анализа зошто сето ова се случува, доведе до таквата ситуација на која сите сме сведоци. Од една страна самобендисаноста на раководниот тим, од друга отсуство на било каква иницијатива за дебата на ниво на Универзитет за да се лоцираат и другите проблеми коишто доведоа до оваа појава (покрај лошото финансирање на науката), резултираа со состојба којашто ќе бара многу работа, за да го вратиме УКИМ на вистинскиот пат. Во таа насока, ќе преземеме мерки со пошироки консултации и транспарентни дебати со сите заинтересирани коишто ги познаваат системите и методологиите на рангирање, за точно лоцирање на проблемите и давање на конкретни предлог решенија. УКИМ е на сите, и треба да го искористиме целиот универзитетски потенцијал и знаењето и искуството од секој поединец, за подобрување на оваа состојба.

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

АЈДИНСКИ: Во изминатиот период, очигледно е дека државата немаше јасна стратегија каде одиме. Се носеа закони, а потоа се носеа толку многу измени на истите закони, така што сето тоа генерираше невозможни услови за нормална работа. Се почнуваа нови реформи, без да се почека за да се видат ефектите од веќе започнатите реформи. И што е можеби уште поважно, секој сегмент од образованието се третираше одделно. Реформа на основно образование, реформа на средно образование, реформа на високо образование, без јасно да се седне на маса со сите заинтересирани и професионално инволвирани страни и целиот образовен процес во државата да се анализира како интегриран систем. И на крајот, дали во високообразовниот систем на било која држава во светот е спроведена некоја сериозна реформа без соодветна финансиска поддршка? Јас за таква не знам. Колку направените пропусти се големи или мали, не би сакал да дискутирам, но дека од сите тие силни реформи ние добивме лошо функционален систем, е повеќе од очиглено.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

АЈДИНСКИ: УКИМ е голем универзитет со долга традиција. Од неговото основање до денес од УКИМ излегле илјадници дипломирани студенти, магистри, доктори на науки од сите наставно-научни области. Еден дел од нив заземале и одредени позиции во државата и учествувале во креирање на политиките во високото образование и науката. Доколку секој политичар којшто доаѓа од академската средина, при носењето на одлуките се раководи од професорот, а не од политичарот во себе, работите би имале поинаков тек.

ПРЕС24: Исплатливо ли е да се биде Универзитетски професор?

АЈДИНСКИ: Не знам на каква исплатливост мислите и што се подразбира под „исплатливо“? Ако мислите за себевложувањето за подобро утре, за подобри генерации, за подобра иднина и просперитет, секако, за секој наставник тоа е исплатливо. Професијата во којашто се воспитува и образува е благородна професија. Но, ако зборуваме за исплатливоста од финансиски апсект, одговорот е негативен. Професорите пред сè ги води љубовта да образуваат и да им го трасираат професионалниот пат на младите, но секако тие треба да имаат и егзистенција од својата професија. Со плати кои се на такво ниско ниво како во нашава држава, звањето универзитетски професор го губи својот дигнитет.

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет?

АЈДИНСКИ: Во УКИМ се наталожија повеќе проблеми, а ниту еден од нив не трпи понатаможно одлагање. Повеќе би рекол дека има топ приоритети. Тука има многу за набројување, од тековни организациски проблеми до инфраструктурни проблеми, подигнување на квалитетот, условите за студирање и студентскиот стандард. Сето тоа е претставено во мојата програма за работа. Топ приоритет ќе биде решавањето на проблемите коишто со години се провлекуваат и остануваат нерешени. Во таа насока секако мислам и ќе го повторам, приоритетот на прашањето на финансирање, без оглед дали станува збор за финансирање на дејноста или за платите на вработените. Платите на професорите, иако со крајно понижувачки суми во споредба со некои други во државата, се наменети за нивниот работен ангажман. Ако некој досега не разбрал, ние ќе го убедиме дека тоа не е супституција за финансирање на дејноста. Платите се плати, а за трошоците за настава, лабораториски вежби, теренска настава и др. треба конечно да се најде решени, затоа што вака навистина понатаму не е можно да се работи. Дека оваа ситуација е крајно алармантна, треба да му биде јасна на секој одговорен во државата.

 

ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен?

АЈДИНСКИ: Сите сме изморени од реформи. Во реформи сме 30 години. Реформи без компас се пропаст за високото образование. Се испрепишаа сите европски стратегии, се цитираа и се повикуваа на декларации, конвенции, документи, модели и што уште не. И што од тоа имаше позитивен ефект врз нашето образование? Врз квалитетот? Врз платите? Не знам дали е потребен одговор. Реформи во високото образование се секогаш можни, но пред било што да се помисли да се прави, треба да се отвори широка дебата, со сите засегнати и компетентни страни, и да се дебатира се додека не се најде прифатливо и функционално решение, па дури потоа да се прават било какви реформи.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

АЈДИНСКИ: Функционирањето на УКИМ не треба и не смее да биде резултат на градење на некои нови релации со државната власт. УКИМ е државен универзитет и без оглед на расположението на власта, државата како основач е должна да си ги исполни сите свои обврски, а во тој контекст и во инвестирање во науката. Доколку државата не знае како тоа да го направи, подготвени сме како универзитет да предложиме модели кои ќе се базираат на системски решенија.

25.05.2023 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа