Google Street View ги ажурира картите: Снимање во повеќе градови низ државата

 


Автомобилите на Google Street View во наредните недели ќе се движат по јавните патишта низ државата, вклучувајќи ги, но не ограничувајќи се на, Скопје, Куманово, Битола, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Охрид и Струмица. Целта на ова возење, како што посочуваат од Google, е да се ажурираат фотографиите на Google Street View од градовите, патиштата и автопатите на Google Maps.

Нагласуваат дека благодарение на Google Street View, корисниците веќе можат да истражуваат некои од најзначајните знаменитости во земјава, вклучувајќи историски локалитети, културни споменици и природни убавини како што се Охридското Езеро, историскиот Камен Мост во Скопје или живописните улици на Битола. 

-Бидејќи инфраструктурата во градовите и меѓу нив се развива со текот на времето, неопходно е редовно ажурирање. Новите фотографии ќе им помогнат на корисниците да се движат поефикасно и да ги планираат своите патувања со поголема леснотија. Street View нуди поглед од 360 степени на улиците, како и културни и природни знаменитости, велат од Google  и додаваат дека се силно посветен на заштита на приватноста. 

Пред да се објават собраните фотографии, како што посочуваат, се обработуваат со технологија која ги замаглува лицата на луѓето и регистарските таблички на возилата за да се осигура дека тие не можат да се идентификуваат, со што се заштитува приватноста. 

-Дополнително, Street View обезбедува додатна функција за замаглување на сликите (поединци, автомобили, куќи итн.), што може да се побара со кликнување на копчето „Пријави проблем“ во долниот десен агол на објавените слики на „Google Maps“, истакнуваат од Google  и додаваат дека повеќе информации за Политиката за приватност на Google може да се најдат на: https://policies.google.com/privacy.

Street View е популарна функција на Google Maps, со над 220 милијарди слики на Street View од целиот свет, вклучувајќи ги Антарктикот и Арктикот. Достапно е на десктоп и мобилни уреди, како и на Google Earth.

14.04.2025 - 16:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега