Голем шумски пожар во Португалија: евакуирани 19 села, туристички комплекси и камп

 

Стотици пожарникари се борат со шумскиот пожар што беснее во јужна Португалија, при што изгоре околу 6.700 хектари земја, а превентивно се евакуирани околу 1.400 луѓе. Шумскиот пожар, со кој моментално се справуваат повеќе од 800 пожарникари, избувна во Одемира во регионот Алентехо во саботата, но оттогаш се прошири на југ кон регионот Алгарве, една од главните туристички дестинации во Португалија.

Напорите за гаснење на пожарот се попречени од високите температури и силните ветрови, при што градоначалникот на Одемир, Хелдер Гереиро ја опишува ситуацијата како „критична, тешка и сложена“, додека командантот на Цивилната заштита Хозе Рибеиро рече дека има уште „многу работа“ да се стави шумскиот пожар под контрола.

Превентивно се евакуирани вкупно 19 мали села, четири туристички сместувачки комплекси и еден камп, а блокирани се и неколку патишта, соопштија локалните власти.

Како што пишува Ројтерс, јужноевропските земји, како Португалија, се борат со рекордни температури во екот на летната туристичка сезона, а научниците предупредуваат дека поради климатските промени топлотните бранови стануваат се почести и поинтензивни.

Португалската метеоролошка агенција во понеделникот издаде црвено предупредување за екстремни горештини во шест области во земјата, вклучувајќи го и главниот град Лисабон. Властите прогласија дека повеќе од 120 општини низ Португалија се изложени на најголем ризик од пожар.

08.08.2023 - 15:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега