Голем пожар кај Ајватовци - Ангелов вели дека е надвор од контрола
Пожарот кој денеска околу 16 часот избувна кај селата Бучници и Ајватовци, на територијата на Општина Илинден во борова шума, се шири со голема брзина и добива сериозни димензии, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, изјави дека постои опасност поради ветерот пожарот да се прошири кон селото Ајватовци и затоа напорите на пожарникарите од ТППЕ Скопје се насочени кон спречување на негово ширење и зафаќање на куќите.
Ангелов додаде и дека гасењето на пожарот од воздух ќе продолжи утре наутро веднаш штом ќе зазори.
-Рано наутро двата полициски хеликоптери веднаш по зазорувањето ќе полетаат и ќе почнат со дејство, а нешто подоцна и два ер-трактори на Дирекцијата за заштита и спасување, информираше Ангелов.
Според Ангелов, до сега изгореле околу 30 хектари.
-Во близина на Ајватовци изби силен пожар, во борова шума. Груба проценка е дека е зафатено околу 30 хектари, зборувам за трева, грмушки, но и борова шума. Таму интервенира еден ер-трактор од ДЗС, но е испратен и еден полициски хеликоптер. Имаме уште два тешки пожари едниот е кај Умово, на територија на општина Студеничани, кој изби после 16 часот и уште еден пожар на територија на село Рашче, рече Ангелов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа