ОН го осуди кршењето на правата на жените во Авганистан

 

 

Високиот комесар на Обединети нации за човекови права Волкер Турк денеска го осуди се поголемото кршење на правата на жените во Авганистан.

Талибанската Влада минатата недела им забрани на девојките да посетуваат Универзитет, како и да не работат во невладини организации.

Забраната предизвика бес кај меѓународната заедница и демонстрации во повеќе авганистански градови.

На 24 декември талибанската Влада им нареди на невладините организации да им забранат на жените да работат кај нив, по што четирите големи меѓународни хуманитарни агенции ги прекинаа операциите во Авганистан.

Ниту една земја не може да се развива, дури и да преживее социјално и економски со исклучена половина од нејзиното население… Оваа најнова владина наредба ќе има ужасни последици за жените и целиот народ во Авганистан, истакна Турк, додавајќи дека забраната за работа на жените во невладини организации ќе ги лиши нив и нивните семејства од приходи и правото „позитивно да придонесуваат“ за развојот на земјата.

Забраната доаѓа за помалку од три месеци откако неколку илјади девојки и жени полагаа приемен испит на универзитетите низ земјата.

На средношколките претходно им беше забрането да одат на училиште.

Талибанците, кои се вратија на власт во август 2021 година, ветија дека ќе бидат пофлексибилни, но во голема мера се вратија на строгото толкување на исламот, што го одбележа првиот период од нивното владеење од 1996 до 2001 година.

27.12.2022 - 17:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега