Ѓорѓиевски: Лазе Велковски се сонча во Охрид на сметка на приватна фирма, а Антикорупциска и обвинителството молчат

ВМРО-ДПМНЕ денеска  отвори нова афера поврзана со началникот за организиран криминал во МВР Лазе Велковски. Партијата тврди дека има основани сомневања дека Велковски ја искористил својата позиција и сел поткуп и на сметка на приватна фирма бил на одмор во Охрид во времетраење од цели два месеци.

Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека Велковски во период од 20.07.2020 година до 10.09.2020 година престојувал во Охрид во приватна вила, каде што еден ден се наплаќа 90 евра, а целиот одмор бил платен 4.000 евра.

Тој праша која би била причината приватна фирма да го плати одморот за Лазе Велковски

– Лазе Велковски не е обичен граѓанин, туку е началник на организиран криминал и корупција?!Доколку на истиот приватна фирма му го платила одморот е извршено кривичното дело примање на поткуп од чл.357 од КЗ според кој е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Кривично дело во случајов е извршено и од страна на фирмата која му го плаќа одморот на Лазе Велковски, односно истата понудила поткуп, што е исто така казниво согласно чл.44 од КЗ. Со што Лазе Велковски заслужил приватна фирма да му ги плати трошоците за одмор во висина од 4000 евра?! Дали Велковски извршил активности спротивно на закон и со тоа си го обезбедил одморот?! – рече Ѓорѓиевски.

Тој изрази сомневање дека  министерот за внатрешни работи оливер Спасовски  иако знаел за ова случување премолчел.

– МВР е сериозна структура која работи по принципот на строга хиерархија и субординација, оттука се поставува прашањето дали за ваквите негови активности знаел и Оливер Спасовски и дали тој премолчел или можеби учествувал во истите?! -рече Ѓорѓиевски.

Тој рече дека очекува Државната комисија за спречување на корупцијата и јавното обвинителство да отворат случај.

– Ова е огромен скандал за кој мора да има разрешница – рече Ѓорѓиевски.

Тој додаде и дека Велковски покрај ова го користел  и службеното возило за приватни потреби исто така во времетраење од 2 месеци и со него направил сообраќајка.

– Велковски со оваа активност го оштетил и буџетот на Република Македонија со тоа што со службеното возило кое го користел приватно причинил сообраќајна незгода. Одговорност за ова сѐ уште нема. Бараме Оливер Спасовски најитно да го разреши Велковски, а органите на прогонот да продолжат со постапките за утврдување на негова кривична одговорност.Дополнително одговорноста не смее да застане со разрешувањето на Велковски. Потребно е Оливер Спасовски да си поднесе оставка и да дозволи органите на прогонот да го испитаат целиот случај и за негова евентуална вмешаност во истиот – рече Ѓеорѓиевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.09.2020 - 14:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега