Ѓорѓиевски: Горд сум што Кисела Вода е дел од “Европскиот младински олимписки фестивал 2025”

 


Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски заедно со Претседателот на 
Македонскиот Олимписки комитет, Даниел Димовски и делегација од 49 земји, денес присуствуваа во салата во ООУ Невена Георгиева Дуња во Кисела Вода, каде се одржа подготвителен настан за претстојниот Европскиот младински олимписки фестивал 2025. Се работи за најголемиот спортски настан кој ќе биде поддржан од Општина Кисела Вода, кој за првпат се одржува во Македонија и на едно место ќе собере 4000 учесници од речиси цела Европа. Од 20-26 јули младински екипи ќе се натпреваруваат во 15 спортови. Како што беше договорено денес, спортски настани ќе има на повеќе локации во Скопје и во Куманово, а во салата во ООУ Невена Георгиева Дуња во Кисела Вода, ќе се одржуваат натпревари во бадминтон.

- Со големо задоволство денеска присуствувам на оваа значајна подготвителна активност за претстојниот Европскиот младински олимписки фестивал – Скопје 2025. Особена благодарност сакам да упатам до Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димовски, за укажаната чест Општина Кисела Вода и јас, како нејзин градоначалник, да дадеме поддршка и да бидеме дел од организацијата на најголемиот спортски настан што досега се одржал во Македонија – Европскиот младински олимписки фестивал. Посебно ми е драго што денешниот настан се одвива токму во спортската сала на ООУ „Невена Георгиева Дуња“, објект под надлежност на Општина Кисела Вода, кој ќе биде една од официјалните локации на фестивалот, каде што, конкретно, ќе се одржуваат натпреварите во бадминтон. Фокусот на фестивалот е да ги обедини младите од цела Европа преку спортот, да ги промовира пријателството, солидарноста и врвниот спорт. Како општина која континуирано вложува во спортот, ни претставува особена чест што нашата посветеност е препознаена. Инвестиравме во десетици спортски терени, современи сали и комплекси, и токму благодарение на тие резултати, денес Кисела Вода е дел од ова најзначајно спортско случување за млади во Европа.

Со нетрпение го очекуваме фестивалот од 20 до 26 јули, кога околу 4000 учесници од 49 земји ќе се натпреваруваат во 15 спортови. Општина Кисела Вода ќе продолжи да дава активен придонес во реализацијата на фестивалот и ќе остане доследна на својата визија – преку спортот да создава здрави генерации, силна заедница и европска иднина-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

10.04.2025 - 13:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега