Ѓорѓиевски: „Безбеден град“ е заедничка мисија на институциите

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан, како и претставници од надлежни министерства, универзитетски професори и експерти, денес присуствуваше на јавната трибина посветена на измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоците, познат како „Безбеден град“.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека оваа трибина е важен чекор во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот, но и во целокупниот систем на јавна безбедност во државата.
-Денес, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан, повеќе претставници на релевантни институции и експерти, сме тука да работиме на подигнување на колективната безбедност. Ја поздравувам иницијативата за подобрување на законските рамки кои ќе придонесат за побезбедни улици, помала бројка на сообраќајни несреќи и поефикасно справување со прекршоците. Како ЗЕЛС, интензивно работиме со градоначалниците низ државата на идеи и проекти кои ќе донесат поголема безбедност во нашите општини. “Безбеден град” е иницијатива што ја поддржуваме и која може значително да придонесе во оваа насока“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека очекува од трибината да произлезат конкретни предлози, вклучително и законски измени кои ќе овозможат поставување видео надзор на парковските содржини и јавната опрема – концепт што ЗЕЛС веќе активно го разработува.
„Институционалната соработка е клучот за успехот на овие мерки. Само со заеднички пристап, координирани политики и јасна законска рамка можеме да изградиме средина во која граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, било да се движат по улиците, во парковите или во своите населби“, заклучи претседателот на ЗЕЛС.
21.02.2025 - 12:49
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа