Германија размислува за забрана на сексуалната работа
Изгледа дека германскиот канцелар Олаф Шолц е отворен за можна забрана за продажба на сексуални услуги во Германија. Ова барање до владата во Бундестагот го испратија опозициските демохристијански партии ЦДУ/ЦСУ.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека би сакал да види дополнителни законски ограничувања за сексуалната работа во Германија, додавајќи дека продажбата на сексуални услуги е „неприфатлива“ и не треба да биде нешто „нормално“, пренесува германскиот печат.
„Мислам дека не е прифатливо мажите да купуваат жени“, изјави Шолц пред парламентот на германскиот Бундестаг. „Тоа е нешто што морално отсекогаш ми пречело“, додаде Шолц.
„Верувам дека треба да го погледнеме законот и да видиме како тоа најдобро може да се сузбие“, додаде германскиот канцелар на седница на која одговараше на прашања од парламентарците.
Демохристијаните од партиите ЦДУ/ЦСУ, најголемата опозициска пратеничка група во Бундестагот, поднесоа барање за забрана за купување сексуални услуги според т.н. на „нордискиот модел“.
Според овој предлог, макроата и муштериите треба да бидат казнети, а борделите да се забранат. Во исто време, сексуалните работнички би морале да се заштитат, за да им овозможи полесно да излезат од тоа милје. Демохристијаните се повикаа на слични регулативи во Шведска, Норвешка, Исланд, Канада, Франција, Ирска и Израел.
„За жал, Германија се претвори во центар на сексуална експлоатација и злоупотреба“, рече потпретседателката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Дороти Бер, одговорна за семејството и културата.
Таа истакна дека 25.000 жени во Германија се занимаваат со сексуална работа и сакаше да слушне од германскиот канцелар дали ќе го поддржи предлогот на демохристијаните за забрана на продажба на сексуални услуги.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа