Г-7 договори зголемување на санкциите против Русија и на помошта за Украина
Министрите за надворешни работи на Г-7 во понеделникот се согласија да ги зголемат санкциите против Русија и да ја продолжат својата помош за Украина, се вели во заедничката изјава усвоена по состанокот во Каруизава, Јапонија.
„Остануваме посветени на интензивирање, координирање и целосно спроведување на санкциите против Русија,“ се вели во документот со кој Г-7 се обрврзуваат да ја поддржуваат Украина колку што е потребно.
Во документот исто така се истакнува дека Киев мора да продолжи со „антикорупциските и домашните реформски напори“.
За време на состанокот имало отворена размена на мислења во врска со ситуацијата во Украина, вклучително и проценка на моменталниот статус и идните перспективи.
Јапонскиот министер за надворешни работи, Хајаши Јошимаса, изјави дека, со оглед на оддолжената војна, важно е да се одржи единството меѓу Г-7 и другите истомисленици, да се продолжат строгите санкции против Русија и силната поддршка за Украина и да се зајакне соработка со другите земји, вклучувајќи го и т.н. Глобален југ.
Хајаши објасни дека, до денес, Јапонија најавила помош за Украина и за соседните земји во износ од 7,6 милијарди американски долари. Покрај тоа, Хајаши посочи дека мерките против избегнување и заобиколување на санкциите и снабдувањето со оружје на Русија од трета страна се важни прашања.
Тој исто така ја осуди одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, што дополнително ќе ја зголеми тензијата на ситуацијата, и побара Москва да ги повлече трупите од Украина.
Покрај тоа, министрите за надворешни работи на Г-7 истакнаа дека неодговорната нуклеарна реторика на Русија е неприфатлива и се согласија за зајакнување на координацијата за спречување и одговор на избегнувањето на санкциите како и на снабдување со оружје од трета страна за Русија.
„Земјите од Г-7 заеднички ќе се обидат да спречат испорака на оружје од трети земји во Русија и ќе продолжат да преземаат мерки против земјите кои материјално ја поддржуваат руската војна против Украина,“ се вели во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на Г-7.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа