Франција побара од ЕУ официјално да ја прогласи групата Вагнер како терористичка организација

 

Францускиот парламент ја повика Европската Унија официјално да ја прогласи руската платеничка група Вагнер за терористичка група, додека Велика Британија исто така се подготвува за потегот.

Францускиот парламент едногласно усвои необврзувачка резолуција со цел да ги охрабри 27-те земји-членки на ЕУ да го стават Вагнер на нивната официјална листа на терористички организации, пишува „Гардијан“.

„Каде и да дејствуваат, членовите на Вагнер шират нестабилност и насилство. Тие убиваат и мачат. Масакрираат и ограбуваат. Заплашуваат и манипулираат речиси целосно неказнето“, изјави пратеникот Бенџамин Хадад во парламентот.

Тој рече дека тие не се едноставни платеници водени од „апетитот за пари“, туку дека „водат широка стратегија, од Мали до Украина, за поддршка на агресивната политика на режимот на претседателот Путин кон нашите демократии“.

Доколку ЕУ го прогласи Вагнер за терористичка организација, земјите-членки на блокот би можеле да ги замрзнат имотите на оваа група и нејзините членови, а на европските компании и граѓани ќе им биде забрането да водат бизнис со групата.

Платениците на групата Вагнер водеа неколкумесечни руски напади врз Бахмут во украинскиот индустриски регион Донбас.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на францускиот парламент и ги повика другите земји да го следат овој пример.

„Секоја манифестација на тероризам мора да биде уништена и секој терорист мора да биде осуден“, рече тој.

Британски Тајмс вчера објави дека, по два месеци градење на правен случај, Велика Британија и формално ќе го прогласи Вагнер за терористичка организација за да го зголеми притисокот врз Русија.

Цитирајќи неименуван владин извор, Тајмс објави дека ставањето на Вагнер на црната листа е „сигурно“ и најверојатно ќе биде спроведено во следните неколку недели.

Како што додава британскиот весник, тоа би значело дека припадноста на групата Вагнер, присуството на нејзините состаноци, поттикнувањето поддршка за групата и носењето на нејзиното лого во јавноста ќе се смета за кривично дело.

Тоа, исто така, ќе повлече финансиски санкции против групата што ќе има последици за способноста на Вагнер да повлекува пари доколку некакви средства помине низ британските финансиски институции.

Групата Вагнер и нејзиниот лидер Евгениј Пригожин неколкупати беа цел на санкции на ЕУ и на Велика Британија.

Средствата на Пригожин во ЕУ беа замрзнати во 2020 година и тој беше на црната листа за визи за испраќање борци на Вагнер во Либија разурната од војна, одлука на која тој неуспешно се жалеше.

10.05.2023 - 13:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега