(ФОТО) Пендаровски ги пречека гостите во Вила Билјана: „РСМ покажа нетипично балканско однесување“

 
Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Охрид во претседателската Вила Билјана ги пречека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската Комисија Жозеп Борел, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на работна сесија од преговорите во рамки на дијалогот на високо ниво Белград-Приштина под покровителство на ЕУ. 
 
„Претседателот Пендаровски смета дека е исклучително важно што оваа работна сесија од дијалогот на високо ниво помеѓу Белград и Приштина се одвива во Охрид, бидејќи тоа е знак дека Република Северна Македонија во изминативе години покажа нетипично балканско однесување и функционира како вистинска мултиетничка демократија, што е реткост и во пошироки рамки. Ова го доживуваме како признание за постигнатото во изминатиот период и поттик на домашните политички сили да продолжат со европските реформи, за што е можно побрзо да станеме полноправна и формална членка на Европската Унија“, информираат преку соопштение до медиумите од Кабинетот на претседателот. 
 
„Преговорите помеѓу Белград и Приштина се исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евро-атлантска интеграција“, се додава во нивното соопштение.
 
18.03.2023 - 10:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа