(ФОТО) Надлежните се препукуваат, граѓаните трпат: Се празнат ли редовно контејнерите низ Скопје?
Во повеќе општини во главниот град редовно не се празнат контејнерите од страна на надлежните служби, тврдат жителите за „Прес 24“. Граѓаните се жалат дека во текот на вчерашниот ден контејнерите во скопски Аеродром биле преполни до врв, а поради ветерот отпадот бил расеан насекаде. Иста била сликата и во општина Карпош. На сред „Илинденска“ затекнале разлетани кутии, ќесиња и друг вид на отпад.
Според скопјани, контејнерите наместо на 24 часа, се празнеле на 36 часа. Реакција до медиумите поради пренатрупаноста со отпадот испрати и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. Во реакцијата се наведува дека, главните улици и контејнери кои се во надлежност на Градот Скопје повторно се неисчистени и во лоша состојба.
„И покрај фактот дека жителите на Аеродром издвојуваат финансиски средства за оваа намена, градската администрација и градското комунално претпријатие и понатаму продолжуваат со неодговорниот однос кон јавната хигиената во општината. Напоменуваме дека општина Аеродром е важен и неизоставен дел од градот и во таа насока уште еднаш апелираме до Градот Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ да ги преземат сите неопходни мерки за подобрување на хигиената во Аеродром“, стои во реакцијата на општина Аеродром.
Но од Комунална хигиена испратија демант на овие тврдења, а со него и фотографии од испразнети и чисти котејнери. Оттаму велат дека редовно си чистеле и без отстапки.
„Во врска со неодамнешното Соопштение на градоначалникот на општината Аеродром поврзано со собирањето и транспортот на комуналниот отпад во општината, ЈП Комунална хигиена-Скопје ве информира дека неспособноста на градоначалникот на општина Аеродром е само негова, без разлика колку се обидува да ја префрли на туѓа адреса.
Контејнерите кои се надлежност на Комунална хигиена Скопје се целосно исчистени, редовно и без отстапки.
За жал, општинската служба поради неспособното раководство на општината Аеродром е нефункционална“, стои во демантот на ЈП Комунална хигиена Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа