(ФОТО) Муцунски на средби со амбасадорите на Канада и ОК: Фокус - продлабочување на соработките

 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на одвоени средби ги прими вонредната и ополномоштена амбасадорка на Канада, со седиште во Белград, Мишел Камерон, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.

На средбата со амбасадоркатаКамерон беше истакната одличната соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, особено во рамките на НАТО. Се разговараше за продлабочување на билатералната соработка со фокус на економијата, инвестициите и образованието. Особено беше нагласена потребата од поттикнување канадски инвестиции и поддршка на иницијативи за развој на трговијата и претприемништвото.

Во разговорот со амбасадорот Лосон, министерот Муцунски изрази благодарност за солидарноста што Обединетото Кралство ја покажа по трагичната несреќа во Кочани, како и за упатениот тим за итна медицинска помош кој активно соработува со македонските здравствени институции. Оваа поддршка беше оценета како исклучително важна за долгорочната грижа и третман на повредените пациенти.

Средбата беше дел од редовната комуникација и координација со Обединетото Кралство и посветена на утврдување на следните активности во рамки на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу двете земји. Двете страни ја нагласија потребата од динамизирање на работата на Заедничкиот комитет за имплементација на Спогодбата, преку редовни годишни состаноци.

Министерот Муцунски ја повтори благодарноста за континуираната поддршка од Обединетото Кралство во спроведувањето на надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија, вклучително и преку бројни проекти во земјата. Тој го истакна нивото на развиеност на билатералните односи и оцени дека планираните активности ќе бидат силна потврда за стратешкото партнерство меѓу двете земји.

28.03.2025 - 09:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега