ФОТО: Голем пожар во магацин во Врапчиште - повреден пожарникар
Ноќеска изби пожар во магацин за производство на полиестер во селото Неготино, Општина Врапчиште, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
На гасење на пожарот, од ноќеска од околу 1 часот по полноќ, интервенираат девет гостиварски пожарникари со три противпожарни возила. На испомош биле испратени уште четворица пожарникари со едно противпожарно возило од тетовската противпожарна единица, кои интервенирале до 4 часот наутро.
Во текот на гасењето на огнените јазици, еден од пожарникарите паднал од скали и се повредил. Пренесен е на Ургентниот центар во Клиничката Болница во Гостивар.
Според информациите на ЦУК, два од три објекти на магацинот се целосно изгорени, а третиот е делумно изгорен.
Пожарот е локализиран во 5:30 часот утринава, но гостиварските пожарникари сè уште се на терен бидејќи има жар и чад во објектите на магацинот.
Причините за пожарот засега се непознати.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа