Филков: Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата по смртта на Теодора

 


Министерот за правда Игор Филков смета дека Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата од 2 години затвор за обвинетиот Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска.

Неговата изјава следува по бурните реакции во јавноста дека казната е прениска и по прозивките до судијата Елведин Феради, кој ја изрече пресудата.

Филков рече дека реакцијата на јавноста е оној глас на народот што е многу важен и кој треба да допре до сите, вклучително и до Советот, кој е повикан да реагира.

„Тие 2 процента доверба што му се доделени на судството уште еднаш се покажа дека не се бадијала“, рече министерот.

Претходно, на пресудта се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати и повторно да се анализира пресудата.

„Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, силно сум разочаран. Ова не е правда“, рече премиерот.

Судијата Елведин Ферати претходно беше споменуван во јавноста како лице за кое се води предистрага дека си ги поправал оценките со пречкртување на тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат лани утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување. Предметот бил затворен откога јавниот обвинител ги добил документите, кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани.

Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.

08.04.2025 - 16:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега