Филипче: ВМРО води гнасна кампања против секој кој чесно работи

 

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска се обрати на сите граѓани, особено на работниците.

- Во моментов, ВМРО-ДПМНЕ се служи со секојдневни оцрнувања на прес конференции за да избега од одговорноста да ви овозможи вам работниците повисоки плати. Сведоци сме на гнасна кампања на ВМРО-ДПМНЕ против секој кој чесно работи, заработува и заслужува достоинствен приход. ВМРО-ДПМНЕ има проблем со вас работниците, не со синдикатот. Вие со право барате пристојна плата со која може да се живее, а тие смислуваат подмолни приказни за ве обивнат дека сте политички мотивирани, вели Филипче.

Додава дека на ВМРО-ДПМНЕ му пречи секој што бара праведен приход. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати во услови кога ни три минимални плати не се доволни да се покријат основните трошоци за живот. Праведно и чесно е да се бараат повисоки плати кога владата не прави ништо да го спречи ненормалниот раст на цените. Ова не е политичко прашање, но ВМРО-ДПМНЕ сака да го направи токму тоа, партиска пресметка за да избегне од одговорност.

- Но, зошто кога беа во опозиција, го поддржуваа синдикатот? Зошто тогаш беа за работниците, а сега се против нив? Одговорот на секој од вас му е јасен – тогаш им беше политички згодно, а сега веќе не сте им потребни. Ова е битка на ВМРО-ДПМНЕ со која конечно ќе стави крај на сите барања, ќе ве замолчи и ќе ве фрли во апатија. Тоа е целта на овие напади и ништо друго. СДСМ е доследна по ова прашање. И како власт и како опозиција силно се боревме за правата на граѓаните и за достоинствен живот. И ниедна негативна кампања на лаги на ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поништи вистината. СДСМ ќе продолжи да ги поддржува граѓаните кои бараат достоинствен приход, ќе продолжи да поднесува закони во Собранието и да стои цврсто во заштитата на граѓаните. Попусто ВМРО-ДПМНЕ се обидува да не замолчи. А не смее да ве замолчи ни вас, работниците", вели тој.

11.03.2025 - 11:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега