Филипче: Мора да го знаеме планот на Владата за ЕУ, ако воопшто го има
Ние мора да знаеме кој е планот на владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска во Скопје.
Претседателот на најголемата опозициска партија во изјава за медиумите посочи дека во наредниот период ќе ги користат сите механизми, вклучувајќи и свикување собраниска седница, а со цел да обезбедат одговор од премиерот во врска со евроинтеграциите на земјава.
-Ние секојдневно покажуваме конструктивност за прашањето за продолжување на евроинтегративниот пат на државата, но за жал не гледаме одговор од премиерот во таа насока. Нашата идеја за собраниска седница е затоа што Собранието е местото каде што носат одлуки. Премиерот има многу најави за некаква поддршка од некои држави за менување на преговарачката рамка со која наводно би се подобрила состојбата на нашата држава во процесот на евроинтеграции, но сето тоа е обвиено со некаква мистерија и не знаеме детали. Премиерот има обврска тоа да го соопшти пред народните избраници и на граѓаните. Сега откако еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што нема ниту политичко, ниту етичко, ниту морално право, тој треба да направи нешто што очекува огромното мнозинство граѓани. Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира премиерот во неговите изјави дека наводно има најави за поддршка да се донесат уставни измени со одложено дејство, бидејќи самиот министер кажа дека во ЕУ во ниту една држава нема расположение за таква работа. Тие конфузни изјави, тие дисонантни тонови во владата кои создаваат впечаток на целосна безперспективност мора да се расчистат во Собранието. Ние мора да знаеме кој е планот на владата, ако воопшто го има, како ние ќе го продолжиме евроинтегративниот пат, истакна Филипче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа