Филипче: Да не се самосожалуваме и да не бидеме малодушни

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето видео обраќање по повод 11 Октомври, Денот на народното востание, направи паралела на партизанската борба за слобода и сопствена држава во 1941 и денешната битка пред која се исправени граѓаните и државата.

„Денеска нашите граѓани и нашата држава повторно како и тогаш се наоѓаат пред нови битки и историски одлуки. Ако тогашната битка беше за слобода и човечки правдини, денешните битки се за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија. Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на Европската Унија“, вели Филипче во своето обраќање.

За жал, констатира Филипче, актуелната власт е првата македонска влада што свесно се откажува од европската иднина на земјата што е определба на многу генерации. Според него, членството во Европската Унија е стратешка цел и никој не смее да им го одземе ова право на граѓаните.

„Наместо храбро да се бори за остварување на нашиот сон таа го турка народот во самосожалување и откажување од остварување на нашите цели. Токму затоа на овој светол ден клучното прашање кое треба да го поставиме е дали ќе ја извојувавме слободата доколку бевме малодушни и западневме во самосожалување тој октомври 1941 година наместо храбро да се соочевме со предизвикот на борбата? Одговорот на ова прашање веќе го даде историјата“, истакна Филипче.

Филипче упати порака дека СДСМ останува со граѓаните и на вистинската страна на историјата уверен дека само така победата е сигурна.

„Бевме на победничката страна и во 1941-та година и во 1991-та година, ќе бидеме и сега. СДСМ секогаш ќе биде тука заедно со своите граѓани и кога е во владата и кога е во опозиција. Бидејќи борбата за Македонија е борба на сите граѓани, а не само на една политичка гарнитура. Нека не води победничкиот дух на 11 Октомври во сите битки и одлуки кои се пред нас!“, потенцира Филипче.

11.10.2024 - 09:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа