ФАО: Смрт од глад им се заканува на 17,7 милиони Суданци
Вооружениот конфликт во Судан (население од 46 милиони) е сè поразорен и покрај декларативните прогласи на водачите на конфликтните сили на суданската армија, генерал Абдел Фатах Бурхан и Силите за брза интервенција, генералот Мохамед Хамдан Дагало, дека се подготвени за преговори, предупреди денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Според проценките на ФАО, речиси 18 милиони луѓе низ Судан се соочуваат со „високо ниво на акутен недостиг на храната“. Набљудувачите истакнуваат дека во следните неколку месеци, а пред февруари 2024 година, на 17,7 милиони Суданци им се заканува тежок глад и речиси сигурна смрт.
Најранливото население е концентрирано во федералните единици на Судан каде продолжуваат најжестоките судири: Голем Дарфур, Голем Кордофан и главниот град Картум.
Адам Јао, заменик-претставникот на ФАО во Судан, оцени дека состојбата со безбедноста на храната во земјата е „страшна“ и е зголемена на „екстремно алармантни нивоа, што бара итна и колективна акција“.
Во меѓувреме, вооружениот конфликт во Судан се шири и во земјоделскиот регион Ал Џазиира јужно од Картум, кој до неодамна беше поштеден од акциите на ривалските сили, јавува Би-Би-Си.
Од избувнувањето на конфликтот во средината на април, повеќе од седум милиони Суданци и бегалци кои се најдоа во третата по големина африканска земја на пат кон Европа, или Арапскиот Полуостров, беа насилно раселени во Судан и по околните земји, главно во Египет и Чад.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа