Фајнанс Тинк: Пензиите не може да се зголемат, платите на функционерите мора да се вратат
Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемување на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени, смета Институтот за економски анализи, Фајнанс тинк.
Институтот објави публикација за состојбите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според Институтот барањата за зголемување на пензиите е легитимно, а бараат и функционерските плати, кои по одлуката на Уставниот суд скокнаа за енормни 78% да се вратат на старото ниво.
-Во контекст на општите движења во економијата, Finance Think забележува дека интензивирањето на барањата од страна на разни општествени групи за пораст на примањата (плати, пензии и сл.), е во еден дел водено од порастот на трошоците на живот, што е легитимно барање, но во друг значаен дел од поттикнувањето реторика дека платите може да пораснат без зголемување на продуктивноста, и од одлуката на Уставниот суд – и последователниот молк од страна на Владата - со која се одмрзнаа зголемувањата на платите на избраните и именуваните лица, што доведе до нивен кумулативен раст од 78%. За последново, Finance Think ја повикува Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите, се вели во извештајот на Институтот Фајнанс тинк.
Според Институтот, зголемувањата на пензиите, особено оние кои се надвор од предвиденото законско усогласување мора да се гледаат од призма на макро-стабилноста на пензиските финансии.
-Повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, посебно кога тие беа големи и посебно во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот на ФПИОСМ. Дефицитот на ФПИОСМ е делот кој Фондот не може да го покрие од изворни приходи – придонеси на плати, поради што дополнување прави централниот буџет. На следниот графикон е прикажано дека уделот на буџетските во вкупните приходи на ФПИОСМ забележа драматичен раст кој достигна кулминација во 2017 година и изнедуваше 43.6%. Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос, се вели во извештајот.
-Со реформата на пензискиот систем од 2019 година, која меѓу другото подразбираше и благо зголемување на стапката на пензиските придонеси во две последователни години, неодржливата патека на ФПИОСМ запре и уделот на буџетските во вкупните приходи почна да се намалува и моментално се движи околу една третина. За тогашната реформа, Finance Think се произнесе со свои сценарија и симулации кои беа претставени во Студија за политиките 14: Одржливост на пензискиот систем во Македонија: Сеопфатна анализа и предлог-реформа со МК-ПЕНС – динамички микросимулациски модел и последователно објавени во проминентното меѓународно списание Journal of Pension Economics & Finance, се вели во извештајот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа