Домашните закони не важат за Тему: Сите проблеми ќе си ги решите со продавачот
Азискиот гигант „Тему“ последниве неколку недели добива експанзија и на Балканот и во нашата земја. Летаат нарачки од сите градови кај нас со бесплатна достава. За купувачите од земјата, формирани се посебни групи на социјалните мрежи, на кои се споделуваат искуства и совети за нарачките од „Тему“. Во нив засега нема незадоволни купувачи.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) за „Макфакс“ велат дека и кај нив сè уште никој не се пожалил од онлајн-пазарувањето на „Тему“.
„Иако имаме сознанија дека голем број граѓани почнаа со купување производи на платформата „Тему“, сепак сè уште е рано за некакви искуства, односно кај нас сè уште нема поплаки што се однесуваат на купувањето онлајн“, посочуваат од Организацијата.
Од таму предупредуваат дека граѓаните треба да бидат многу внимателни при пазарењето оти нарачуваат на сопствен ризик.
„Напоменуваме дека платформата е регистрирана во странска земја, односно не пости правно лице регистрирано во Република Северна Македонија, па со самото тоа не можеме да се повикуваме на домашните закони, кои се однесуваат на заштита на потрошувачите, односно не може да се поведе постапка преку Државниот пазарен инспекторат и други инспекциски служби. Граѓаните треба да се свесни дека при купување од платформата ‘Тему’,доколку наидат на проблеми, ќе треба да ги решаваат со продавачот“, додаваат од Организација на потрошувачите.
На социјалната мрежа „Фејсбук“ деновиве е креирана и група, на која оние што самите направиле погрешна нарачка може нарачаното да го објават и да го препродадат.
„Групата е направена со цел сите оние што имаат погрешни порачки и сакаат да си ги продадат своите артикли да може комотно во оваа група тоа и да го сторат“, се вели во описот на оваа група.
Влијанието на овие производи и употребените материјали и хемикалии врз здравјето на луѓето не е тестирано.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа