ДКСК: Широка јавна расправа за деветте предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10д и да не се носат по скратена постапка
Неопходна е поширока јавна расправа за деветте предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10д, со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби, од корупцијата, како и од законски решенија, чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми и затоа тие не треба да се носат по скратена постапка, смета Државната комисија за спречување на корупцијата.
- ДКСК смета за потребно да укаже дека во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, во секторот Политички систем, како еден од приоритетните проблеми кои треба да се адресираат е утврдено носењето на голем број на закони во скратена постапка без соодветно образложение за оправданост за овој вид постапка. Од тие причини, во Националната стратегија нагласено е дека е од суштинска важност да се обезбеди рационално користење на инструментот за носење на закони по скратена постапка во Собранието и подигнување на квалитетот на процесот на носење на законите преку подетално уредување на процената на влијанието на регулативата, велат од ДКСК.
Оттаму укажуваат дека треба да се преиспита најавеното донесување на законите во скратена постапка од причина што, како што велат, со тоа се рушат основните постулати на правната држава, се зголемуваат ризиците од корупција и не се остава простор за јавна расправа, а пред сè не се остава простор за произнесување на стручната јавност за содржината на законските одредби.
- Со предложените измени на законите кои треба да се донесат во скратена постапка се задира во повеќе области меѓу кои и работничките права, правото на сопственост, заштитата на животната средина и други. Оттаму, неопходна е поширока јавна расправа со цел да се намалат ризиците од можни злоупотреби, ризиците од корупцијата, како и ризиците од законски решенија чија имплементација ќе создаде дополнителни проблеми, велат од ДКСК.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа