Димитриевски: Потребно ни е редефинирање на општеството, кое ќе им служи на сите граѓани, а не само на политичките елити

Претседателски кандидат на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски смета дека земјава минува низ лоши процеси, а суштинските промени не се случуваат сами од себеси, туку мора да бидат поттикнати. Затоа тој одлучил како нов политички субјект, со неговите истомисленици да влезе во борба со цел државата да добие татко на нацијата, човек којшто ќе го обедини македонскиот народ и сите граѓани на Македонија. Тој во интервју за МИА нагласува дека  е лесно да се седи настрана и оти тој сака да придонесе за промени во општеството, бидејќи, како што вели, во моментов тоа е креирано наменски да им служи на политичките елити, кои владеат 30 години.

-Мислам дека многу е лесно да седите од страна да ги набљудувате овие лоши процеси низ коишто поминува Македонија и едноставно решив да излезам од комфорната зона и директно да се вклучам во борбата. Суштинските промени во државата не се случуваат сами од себеси, туку мора да ги поттикнете. Направивме сондажи и анализи и влеговме како нов политички субјект, заедно јас со сите тие мои истомисленици во оваа борба да дојдеме до состојба Македонија да добие татко на нацијата. Првенствено, човек којшто ќе ја обедини нацијата, ќе го обедини македонскиот народ, ќе ги обедини сите граѓани на Македонија, ќе им ја врати самодовербата и ќе им каже на граѓаните дека не се сами, дека има човек кој својот мандат го црпи од нивните гласови, како битна функција во државата без разлика што сите политички елити ја маргинализираат. Сепак, претседател на државата е татко на нацијата и тој може со своето делување да ја врати тежината на граѓаните, бидејќи во моментов ние живееме во едно општество кое што е креирано наменски да им служи на политичките елити кои 30 години веќе го владеат, вели Димитриевски на прашањето што беше пресудно да се реши да станете кандидат за шеф на државата.

Во однос на надлежностите на Претседателот согласно Уставот и законите, најавува дека доколку биде избран за претседател ќе се заложи за директна соработка со МНР и предност да ќе даде на дипломатите од кариера за поуспешно претставување и позиционирање на државата надвор од границите, на меѓународен план. Во делот на дипломатијата, државата има потреба од професионална дипломатија, вели Димитриевски, бидејќи според него, политизацијата на дипломатијата во моментов го урнисала нашето Министерство за надворешни работи.

-Ние до вчера немавме дипломати во суштинските држави партнери на нашата држава и затоа сметам дека мора да се даде можност на реалните и професионални дипломати од кариера да дојдат во позиција да ја претставуваат професионално Македонија надвор. Дополнително министерот за надворешни работи мора интензивно да соработува со претседателот, оценува Димитриевски.

Смета дека е потребна суштинска ревизија во правосудната сфера, која, како што нагласува, не подразбира ветинг, туку филтрација во областа со цел постигнување независност и професионалност во работата на правосудните органи.

-Владеење на правото оди низ независната власт, а тоа е правосудството и обвинителството и тука има битна улога со избор т.е. давање на предлози за судии во Уставниот суд и дополнително свои предлози за Републичкиот судски совет којшто всушност е главниот орган којшто треба и да ја направи суштинската ревизија во правосудството со дополнителни тела, советодавни, во кои ќе учествуваат луѓе од теории и пракса од правосудството. Бидејќи на Македонија не ѝ е потребен ветинг, туку и е потребна една филтрација во правосудството за да дојдеме до едно професионално и независно правосудство кое во моментов е и тоа како исполитизирано и за жал голем број од судските одлуки се со политички мотив, смета претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ.

06.04.2024 - 11:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега