Детектор: Граѓаните се плашат од вештачката интелигенција


Македонските граѓани во мнозинство знаат како функционира вештачката интелигенција, но ретко кој ја користел главно бидејќи мнозинството има негативен став за нејзиното влијание врз повеќе сфери на општественото живеење. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 57,8% од граѓаните се запознаени со терминот вештачка интелигенција додека 39,3% не се.

Сепак, вештачката интелигенција ја користеле само нешто под 12% од граѓаните додека високи 84,2% немале такво искуство.

Причина за слабата искористеност веројатно е стравот на граѓаните за наегативното влијание на вештачката интелигенција имајќи предвид дека на сите прашања поврзани со оваа тема мнозинството е негативно расположено.

39,1% сметаат дека вештачката интелигенција негативно ќе влијае на процесот на образование додека само 22,6% гледаат позитивни елементи.

Близу 50% се на ставот дека вештачката интелигенција ќе има негативно влијание врз вработувањето а само 12,3% гледаат позитивни ефекти.

Кај безбедноста, позитивни ефекти од вештачката интелигенција гледаат само 19,6% од анкетираните додека 37,6% сметаат дека таа ќе има негативно влијание.

Најподелени се граѓаните за влијанието на вештачката интелигенција при транспортот. 29,6% сметаат дека таа ќе има негативно влијание додека 24,9% гледаат позитивни ефекти.

Големо е мнозинството и на граѓани кои сметаат дека вештачката интелигенција негативно влијае врз животната средина. 34,2% гледаат негативно влијание врз екологијата а 35.5% врз земјоделството.

Високи 43,5% сметаат дека вештачката интелигенција ќе има негативно влијание врз меѓучовечките односи. 

Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март.

 

07.04.2024 - 16:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега